Во големата сала на Филхармонија вечерва во 20 часот иницијативата „ПичПрич“ ќе одржи разговори на тема „Цепки“, во авторство на Румена Бужаровска и Ана Василева. Целта на „Цепки“ е да понуди повеќе интерпретации на тоа што е смешно, а истовремено и да ја насмее публиката. Свои приказни ќе раскажат уметниците Јана Јакимовска и Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радио водителката Маја Казакова и режисерката Софија Ристевска. Како и на сите други гала настани на ПичПрич, настапува и една регионална раскажувачка – Мима Симиќ од Хрватска.

Оваа година „ПичПрич“ е дел од програмата на 10. издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ во организација на „Тиииит! Инк“. Во фокус на првиот сет на пролетни настани на јубилејното издание на фестивалот оваа година е субверзивната моќ на хуморот, посебно имајќи го предвид традиционалното исклучување на женските гласови од полето на смешното и честото исмевање со „типично женските“ искуства. Феминистичката смеа и хумор се силно политичко оружје кое ја придвижува револуционерната моќ на промената. Билетите за настанот се достапни на билетарницата на Филхармонија и онлајн на mktickets.mk, а чинат 200 денари.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.