Петочни сесии „Читаме џез“

„Литература.мк“, во партнерство со радиото „Џез ФМ“, најави почеток на низа музички настани во новото Café Literatura во „Дајмонд мол“. Под мотото „Читаме џез“ почнува новиот концепт на „Литература.мк“, чија мисија е организација на најквалитетните музички настани со врвни музички уметници, како и нови откритија, од домашната и регионалната сцена преку кои сите присутни ќе можат да ја истражуваат еволуцијата и мноштвото начини на кои џезот и книгите влијаат на културата.

Секој петок ќе се организираат сесии достапни за сите. Првата ја отвори Џијан Емин во петокот. Посетителите ќе можат да уживаат во неговите добро познати музички интерпретации на редовниот репертоар на музички настани на Café Literatura, секој втор петок. Џијан Емин е диригент на новооснованиот Национален џез-оркестар, како и композитор, аранжер и оркестратор на повеќе значајни проекти на Националниот џез-оркестар, Македонската филхармонија, неговиот авторски проект „Магичен оркестар“ и многу други.

– Во обид да ја збогатиме градската програма и да ја едуцираме публиката, создадовме квалитетен музички репертоар што ќе го размрда скопското секојдневие. Воодушевени сме што имаме неверојатни музички имиња како што е Џијан Емин, кој настапува на лансирањето на новата мисија на ’Литература.мк‘ и ’Џез ФМ‘, подигнувајќи ја уметничката вредност на музичките сесии. Исклучително ќе се посветиме да ги донесеме сите домашни креативни гении чија дарба ќе живее низ сите нас – истакнаа од „Литература.мк“.

„Џез ФМ“, најстарото и единствено радио кај нас за промоција на џез-музиката и сродните жанрови, е посветено на ширење на добриот звук и иновативниот пристап кон музиката. Ова скопско радио ќе стане достапно и за пошироката публика, на ниво на целата држава, како и интернационално, преку воведување на онлајн-стриминг на пет посебни канали. Секој канал ќе биде внимателно и тематски обработен да ги задоволува аудиторните потреби на љубителите на џез, блуз, фанк и соул. „Џез ФМ“ е посветено и на едукација на младата публика и претставување на новата музика. Преку емисии и настани посветени кон помладата генерација, ќе се претстави новата џез-сцена и ќе се промовира слободната урбана мисла што е темел на џез-музиката.

Сподели