Петер Шкерл: Светот на уметноста е универзален, важно е да се пренесе приказна

Приказната за „Овде, во близина, живее едно девојче“ зборува со исто чувство насекаде, каде што имав директен контакт со младите читатели – вели словенечкиот илустратор Петер Шкерл, кој на 14 јуни ќе гостува во Скопје 

На повеќе локации низ Скопје од 12 до 15 јуни издавачката куќа „Чудна шума“ ќе го реализира „YES FESTIVAL, Млади европски приказни, млади креативни луѓе“. Богатата програма на активности, промоции, средби со автори е примамлива за публиката, а фестивалите секогаш се место каде што авторите треба да се среќаваат со својата публика. Еден од гостите е еден од најистакнатите и најкреативни илустратори од Словенија, Петер Шкерл. Наградуван со многу словенечки и европски награди, Шкерл е особено посветен на илустрациите за деца и на сликовниците и книгите за деца им дава посебен визуелен печат. Шкерл е илустратор на сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“ што ја создаде заедно со авторката Ида Млакар Чрнич. На 14 јуни, ќе биде организирана промоција и читање на сликовницата во Младинскиот културен центар, како и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Доаѓате во Скопје на „YES FESTIVAL, Млади европски приказни, млади креативни луѓе“, за да ја промовирате вашата сликовница што ја создадовте заедно со писателката Ида Млакар Црнич. Дали е возбудливо за вас што можете да сретнете нова публика, или можеби слична но сепак различна култура?

– Јас сум дете што ги искуси двете држави на Југославија, во која ние бевме обединети како јужно-словенски нации. Затоа, не се чувствувам туѓинец во овој простор, напротив, ние сме многу блиски. Јас сум пресреќен што сум поканет во Скопје и на овој фестивал.

Оваа сликовница веќе беше преведена на десетина јазици. Какви се реакциите, импресиите на публиката каде и да ја промовирате книга? Дали добивате слични реакции од децата и нивните родители?

– Јас сум навистина воодушевен колку многу приказната беше прифатена во различни континенти и држави. Приказната за девојчето зборува со исто чувство насекаде, каде што имав директен контакт со младите читатели.

Користите молив и акварел за да го создадете сиромашниот свет на девојчето и тоа е толку автентично и соодветствува со приказната. Ви беше ли тешко да го најдете вашиот визуелен јазик до конечното решение?

– Уметничката техника со сигурност му дава дополнителна чувствителност на текстот, што е екстремно суптилен сам по себе. Лицевите експресии, урамувањето и ритамот на уметноста креираат посебна моќ за сликовницата во целина.

Организаторот најави креативна работилница што вие ќе ја водите на фестивалот. Може ли да ни откриете повеќе за работилниците што ќе ги водите со децата?

– Немам некои специјални методи за работилниците, но се препуштам на ентузијазмот на децата.

Која е вашата најголема мотивација во создавањето детски сликовници?

– Светот на уметноста е универзален, сè насекаде во светот има моќ да пренесе приказна. Јас не правам разлика помеѓу тоа која е уметност за возрасните, а која е за децата.

Колку словенечките издавачи обрнуваат внимание и почит кон работата на илустраторите?

– Словенечките издавачи се многу отворени за визуелните поетики на креативците илустратори. И покрај малиот простор што го имаме, можам со сигурност да кажам дека постои голем квалитет во уметничкиот свет.

Сподели