Неодамна, во издание на Чудна шума излезе „Пет приказни од целиот свет – раскажани од Живко Грозданоски, со илустрации на Хари Дудески“. Ова е прва книга за деца на Грозданоски, „раскажувачот“ кој во својот краток поговор на книгата открива дека начинот на кој се претставени петте приказни „од целиот свет“ е всушност и овојпат (по десетте збирки раскази на Жил Менар, по „Избеганата буква ‘Д’ од неговата збирка раскази „Приказни за тревите“, и други), мала мистификација.

Конкретно, „за волја на она што повеќето би го нарекле вистина“, забележува раскажувачот, „убаво би било да се спомене и тоа дека овие пет приказни од целиот свет (Македонија, Аргентина, Италија, Јапонија и Асирија) се всушност составени од нивниот раскажувач. Но, тоа не значи дека тие не се и средновековни легенди, древни сказни, народни приказни или стари преданија, напротив: нивниот раскажувач верува дека секоја од овие приказни веќе била составена, и дека веќе одамна постои, макар на парчиња, растурени низ светот и низ времињата.“

Според рецензентот Владимир Мартиновски „Приказните се раскажани мошне шармантно и привлечно за најмладата читателска публика, со извонреден стил кој потсетува на усна нарација.“
Книгата засега може да се најде во книжарниците на „Или-или“, „Полица“ и „Бункер“ и на kupikniga.mk, а се планира и промоција наскоро.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.