Пет претстави со 5,9 милиони денари ќе создаде Драмски во 2025 година

Пет претстави со буџет од 5.900.000 денари годинава ќе создаде Драмскиот театар од Скопје. Од годинава, 18 национални установи имаат делегиран буџет и имаат обврска јавно да соопштат како ќе го трошат својот буџет од Министерството за култура и туризам. Парите ќе бидат распределени избалансирано и одговорно, во согчасност со неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски, велат од театарот.

Ова се петте претстави што Драмски планира да ги реализира:

1. „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ од авторот Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ, голем копродукциски проект помеѓу неколку ансамбли, членки на Регионалната унија на театри – РУТА: НУ Драмски театар Скопје, Местниот театар Љубљана – МГЛ, Белградскиот драмски театар – БДП и „Град театар“ од Будва. За копродукцијата е предвидено финансирање од 2.000.000 денари.

2. За новата постановка на култната „Болва во уво“ на Жорж Фејдо во режија на Синиша Евтимов се планира вкупна сума од 1.300.000 денари.

3. Претставата „Куршуми над Бродвеј“ е адаптација по филмот на Вуди Ален, во режија на Ненад Витанов во вкупен износ од 1.200.000 денари.

4. „Ифигенија за ништо“ адаптација по текст и режија на Филип Петковски со сума од 850.000 денари.

5. Претставата „Чворот на Гидон“ од авторот Џон Адамс во режија на Драгана Милошевска Попов ќе се реализира со 550.000 денари.

Во годишната програма поддржана од Министерството, во делот на организација на манифестации и годинава е планиран фестивалот РУТА. Четвртото издание на фестивалот на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар Скопје од 25 до 30 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари. За ставката меѓународна соработка што ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство се планирани средства во висина од 2.000.000 денари.

Во делот на издавачка дејност на Драмски театар Скопје, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмска програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За издавачка дејност се планирани 150.000 денари.

Годишната програма на Драмски театар е јавно објавена на веб-страницата на театарот. Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.

Сподели