Филмот „Силјан“ во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа (Concordia) е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата Најдобар интернационален филм, одлучи Друштвото на филмските работници на Македонија. Одлуката ја донесе Комисијата за избор при ДФРМ во состав: Томи Салковски – претседател и членовите: Лабина Митевска и Марија Димитрова, продуцентки, режисерот Даријан Пејовски, Душан Кардалевски, кинематографер, Марина Колоска, прв асистент на камера, Иван Ивановски, режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски, тон-мајстор и Горан Игњатовски, автор на филмска маска. Деветчлената комисија одлуката ја донесе едногласно.
Годинава, комисијата избираше помеѓу три филмски остварувања: „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, во продукција на „Синема футура“, „Силјан“ на Котевска и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар во продукција на Cinepaqe Production.
– Комисијата имаше навистина тешка задача. Во изборот членовите се водеа од синеастичката вредност на филмските дела, „силината“ на приказната што ја обработува секој од филмовите, нивната наративна, драматуршка и пикторална компонента, како и критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност – велат од ДФРМ.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ од самото осамостојување на Македонија, кога од американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.





