Кревки, а моќни стихови за сведоштвото на сегашноста и заборавот на минатото, за човекот како одрано битие на жртвеникот на љубовта, болката, болеста, векот, нежни и цврсти стихови за надежта, детството, споменот, стихови – спокој и бабот, толку миткогоговски, толку наши, пишува Лидија Димковска за новата збирка на Митко Гогов „Линијар. Бројки“, објавена неодамна. Ви претставуваме песна од изданието на „Макавеј“.
VII
датумите се
алишта кои се сушат.
надвор невреме.
XII
детскиот чекор
се учи дома. затворен
од светскиот бол.
XVI
скокот е откажан
за подоцна. утре повеќе
инфо. мериме.
XXV
светилникот го
поздравува бродот. еве
ја радоста. доаѓа.
XXX
родот не е
преодени стапки и солзи –
гордост и болка е.





