Во издание на книгоиздателството „Ми-Ан“ деновиве се појави новата стихозбирка на Даниела Андоновска-Трајковска со наслов „Пеш по воздушна линија“. Изданието доаѓа по успехот на нејзината претходна книга „Математичка поезија“ која побуди голем интерес кај љубителите на поезијата и ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра книга поезија.

Она што го прави новото дело на Андоновска-Трајковска посебно е нејзината суптилна игра како со зборовите, така и со нивното значење, давањето личен печат и толкување на поимите што нè опкружуваат, а со тоа и еден нов пристап и ново читање на темите што неа ја окупираат.

Книгата „Пеш по воздушна линија“ од Даниела Андоновска-Трајковска е компилација од седум циклуси кои секој за себе се истакнуваат со својата посебност, а сите заедно – со својата компактност. Шеесетина поетски творби блескаат како вгравирани уметнички дела изложени во рамките на циклусите „Чекори во стакло“,„Дезинфицирани далечини“, „Прекасан јазик“, „Опстанок“, „Црвена вода“, „Хаику“ и „Минијатури“. Стихозбирката „Пеш по воздушна линија“ на лирски начин ја прикажува индивидуата во условите што ни ги донесе новата реалност, пандемијата со ковид-19, каде секој од нас се соочи со нови предизвици, со т.н „ново нормално“, при што спознавањето на своето Јас е ставено во прв план.

Во својата рецензија за стихозбирката, професорката Весна Мундишевска-Велјановска вели:

– Истакнувајќи ги одличјата на изразената спротивност на невидливото и впечатливото, се потенцираат условите во кои тие кохезираат и се преклопуваат во артикулацијата на сонуваното време кое живее „среде стожерот околу кој се вртиме деноноќно/ за да има крв во годовите и леб во годините/ кога надвор од кругот излегуваме“ („Прекасан јазик“). Разновидноста на начинот на гравирање на овие илустрации на модерното (со)бидување кога „сѐ потешко станува патувањето во сопственото тело“, тектонски ги поместуваат брановите возбуда од вообличувањето на естетската рецепција на Андоновска-Трајковска во разноврсни репродукции на едно време кое го одвртува својот молк „за да ја разбуди вечноста што спие во нас“ („Време“).

Даниела Андоновска-Трајковска е поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК). Член е и на Македонското научно друштво – Битола. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература.

Главен уредник е на списанијата „Раст“ (Битолски книжевен круг) и „Современи дијалози“ (Македонско научно друштво-Битола, на циклусот поетски збирки со наслов „Збор во зборот“ и на неколку монографии. Поезијата ѝ е преведена на повеќе светски јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјата и странство.
Освен наградата „Ацо Шопов“, ги добила следните признанија: меѓународната награда Носиде, Италија за поезија (2011), наградата од ДПМ за најдобра необјавена песна на „Празник на липите“ (2018), наградата „Крсте Чачански“ за проза, националната награда „Караманов 2019“ за поезија (за „Електронска крв“), на „Македонска книжевна авангарда“ 2020 за книгата „Куќа на контрасти“, Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание „Book World“ од Узбекистан во 2020 година.

Авторка е на стихозбирките „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Скопје: Матица, 2014); „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Битола: Македонско научно друштво, 2015), „Црна точка“ (Битола: Друштво на писатели Битолски книжевен круг, 2017), „Стапалки“ (Битола: Македонско научно друштво, 2017), „Три“ (Скопје: Современост, 2019), „Куќа на контрасти“ (Скопје: Матица, 2019), „Електронска крв“ (Радовиш: Центар за култура „Ацо Караманов“, 2019), „Математичка поезија“ (Скопје: Центар за култура и културолошки студии, 2020), како и на збирката раскази „ Кафе, чај и црвено небо“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.