Перформансот „Одбрана и заштита“ на Маја Зеќо од Сараево во КСП Центар Јадро

Скопската премиера на перформансот „Одбрана и заштита“ на уметницата Маја Зеќо од Сараево ќе се одржи утревечер во 19.30 часот во КСП Центар Јадро. Овој моќен перформанс е дел од нејзината тековна изложба „Нарушени иднини“ во КСП Центар- Јадро. Овој перформанс претходно е изведен во Загреб и Лондон.
Во „Одбрана и заштита“, уметницата носи засилен костим со вградени звучници кои емитуваат звуци од воени дронови и поврзани фреквенции. Делото се осврнува на постепеното губење на нашето колективно чувство на сигурност и на потребата сè повеќе сами да се грижиме за сопствениот опстанок во денешниот, крајно сложен глобален политички контекст.
Публиката е поканета активно да учествува: на лице место ќе биде достапен QR-код со кој присутните ќе можат да се приклучат и да ги репродуцираат звуците преку своите уреди.
Перформансот започнува во 19:30 часот од споменикот на Цар Самоил на Плоштад Македонија, и ќе трае околу 90 минути. Публиката може да го проследи целиот перформанс или дел од него.

Зеќо во своите делата користи стратегии на перформанс и звучна уметност за да се справи со современите ургентности за местото, идентитетот, миграцијата, деколонијалните и балканските футуризми. Таа изложувала меѓународно во Абердин, Единбург, Загреб, Сараево и Мелбурн, Австралија.

Изложбата „Нарушени иднини“ е отворена до 26 јуни.

Маја Зеќо е родена во Сараево, а живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.

Сподели