Пер Јохансон четврт век се бори за правата на лицата со интелектуална попреченост

Кога почнав да работам, овие луѓе се гледаа како да се пречка во општеството, како да беа само трошок. Но, сите имаме еден живот и тој е прекраток и сакам да им овозможиме работи и тие луѓе да блескаат. Горд сум на сè што сме постигнале во овие 25 години, но треба да продолжиме уште многу години – категоричен е борецот за човекови права од Шведска

Еден човек со храброст, е мнозинство! Овие зборови на Томас Џеферсон совршено го опишуваат Пер Јохансон, човекот кој ја смени Шведска во нејзиниот однос кон правата на лицата со интелектуална попреченост. Кога пред 25 години го направил првиот чекор и го основал театарот „Глада Худик“ во Худиксвал, веројатно ни самиот не верувал каква револуција ќе создаде. Од денешна перспектива вели „многу сум горд на тоа што го сработивме со мојот тим и што никогаш не се откажавме“. Јохансон е еден од најпопуларните предавачи од Шведска што зборуваат отворено за тоа како луѓето со интелектуални попречености можат да се развиваат и покрај нивните предизвици.

Пер Јохансон го добил медалот на заслуги од кралот на Шведска за посебен придонес во полето на лидерството. Има објавено и автобиографија во 2012 година. Во првите 25 години постоење околу 60 актери со попречености биле дел од театарот, а сосе друг кадар, музичари, сценографи – околу 200.

Книга со цитати на актерите на „Глада Худик“

Иницијатор на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“

Театарот „Глада Худик“ е иницијатор на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ од 2014 година, кое преку активности во училиштата во Шведска успеа да победи многу предрасуди за лицата со посебни потреби. Позитивната реакција на децата ги мотивирала мисијата да ја пренесат и во други земји – следувала Латвија, а од минатата година и во Грузија и во Македонија. На неколкуте пилот-училишта од минатата година, во 2021/22 им се придружија уште 15-ина македонски училишта, кои преку активностите на здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Солем“ успеваат да си скршат предрасудите што владеат и кај нас. Една од активностите во рамките на проектот е и изложбата и книга на фотопортрети на 20 лица со посебни потреби „И јас сум тука“, што ќе биде отворена утревечер во Кинотеката на Македонија.

Јохансон, за жал, нема да може да присуствува на проразговараме за почетоците и за предизвиците со кои се соочувал сиве овие години.

– Отсекогаш сакав да бидам професионален фудбалер. Почнав да играм во мојот роден град и заминав во Худиксвал. Ми требаше паралелно и работа и во општината ме ангажираа да се грижам за лица со посебни потреби, кои беа ангажирани во сечење дрвја и имав чувство дека не беа среќни, како да ги учеа да прават нешто што не сакаа. Така ми дојде идејата, дека тие луѓе треба да прават нешто што им е интересно ним, а не нешто што ние мислиме дека треба. Никогаш не сум мислел дека постојат нормални и ненормални работи, ниту пак дека овие луѓе се ограничени – вели Јохансон.

Сцена од „Модна ревија“, филм со актерите од „Глада Худик“

Театарот го сакал отсекогаш и во оваа уметност сметал дека може да биде појдовна точка за интеграција на луѓето со посебни потреби во општеството.

– Сакав да направам овие луѓе да блескаат, да прават работи што мислеле дека никогаш не би можеле. Ја видов моќта во секој член на оваа театарска група и секој од нив има толку многу таленти. Јас само сакав да им помогнам тоа да излезе на виделина. Сите тие беа од Худиксвал на почетокот, а подоцна и од други места. Во Худиксвал имаме многу луѓе со попречености, затоа што има многу институции околу градот со лица со попречености и Шведска, откако државата почна да ги затвора тие институции во 1994 година и многу луѓе останаа во градот. Тоа е општина со 38.000 луѓе, а само градот – 15.000 – објаснува Пер.

Борбата со предрасудите кај заедницата беше голем предизвик

Тој се потсетува дека на почетокот најголема пречка за да се започне биле родителите или старателите на децата. Биле исплашени и со недоверба. Јохансон вели дека по многу дискусија, сепак се согласиле да се случи првиот настап на сцена.

– По претставата, дојдоа родители да плачат и да ми се заблагодаруваат што нивните деца учествувале. Велеа: „Ова е мојот син, ова е мојата ќерка“. Тоа беше првиот голем чекор за оваа група. Потоа, следна станица беше пошироката заедница. Тука требаше да се вложи многу труд, затоа што постоеја многу предрасуди во самата заедница. На почетокот немав поддршка од општината. Работев дење и ноќе за да успее целото, немавме пари. Одев по фирми во Худиксвал, тие се заинтересираа да нè поддржат и верувале или не, и по 25 години ги имаме истите компании и денес покрај нас – вели тој.

Пер Јохансон

Тие немаат нивна зграда, но гостуваат во различни театри, организираат изложби, остваруваат секакви соработки. Првата влезница што ја наплатиле пред 25 години била 20 шведски круни, а денес таа чини 600 круни (околу 60 евра).

Со години Јохансон се борел со еден дел од шведскиот менталитет, а тоа е потребата да не се истакнувате и сите да бидете еднакви.

– Јас сум многу чувствителна личност. Многу ме повредуваа неправди, но не се откажав толку години. Во Шведска, ако малку се помрднеш и се издвојуваш од другите, треба поскоро да се вратиш кај што си бил. Кога почнав да работам, овие луѓе се гледаа како да се пречка во општеството, како да беа само трошок. Но, сите имаме еден живот и тој е прекраток и сакам да им овозможиме работи и тие луѓе да блескаат. Горд сум на се што сме постигнале во овие 25 години, но треба да продолжиме уште многу години – категоричен е Пер.

Матс Малин (прв од десно) направи револуција во вработувањата на лицата со посебни потреби

Тој сведочи за многу промени во шведското општество токму благодарение на работата на театарот. Актер од нивниот театар Матс Мелин сега е ѕвезда во Шведска и работи за компанијата „Ика“, најголемиот синџир маркети во Шведска. Токму тој помогнал да се влијае позитивно на свеста на компанијата, каде денес работат 1700 лица со посебни потреби.

– Тоа е навистина голем успех. Ние се бориме да правиме реални работи, не да сме само само на сцена. Сите во Худиксвал ги знаат членовите на театарската група и тие се многу горди. Посетуваме училишта, се среќаваме со деца, со различни групи и тие се навистина вистински ѕвезди. Имаме многу конкретни проекти, затоа е успешно целото – преку филм, театар, работилници – вели Пер.

Пораката на „Глада Худик“ да стигне до што повеќе земји

Пред шест години по покана на Ребека Јанковска – Ристески од здружението „Дајте ни крилја“, Јохансон учествуваше на научна конференција посветена на областа што ја работи. Тој одржал говор и така почнала приказната со Македонија. Интересно е дека Јанковска-Ристески го гледала токму филмот „Колку брусници има во светот“ и тој ја инспирирал да се обрати до шведската амбасада и со заедничка иницијатива, го донесоа Јохансон во Скопје.

Последниот филм на „Глада Худик“ – документарецот „Модна ревија“ во режија на Јохан Ског пред ковид-19 бил вистински хит во шведските киносали. По иницијатива на Пер, петмина актери учествуваат на модна ревија во Њујорк и им се исполнува животна желба. Филмот ќе може да го види и публиката во Скопје на 2, 3, 18 и 19 ноември во Кинотеката.

– Иако многумина мислат дека е игран филм, сценариото е вистина. Одлучив да одам во Њујорк пред да заминеме заедно со актерите. Тие не ја знаеја точно приказната и беа многу искрени во филмот и многу среќни што снимаа филм. Не беше секогаш едноставно, некогаш бевме среќни, некогаш тажни. Тие го гледаат „Модна ревија“ речиси секоја недела и го обожуваат. Највозбудливо беше кога се шетавме низ улиците на Бродвеј, на „Тајм сквер“. На Филмски фестивал во Њујорк ја прашаа Ема, главната актерка, што било најдоброто во Њујорк, таа одговори: „Кога купував кукла“. Овој филм можеме да го гледаме цел живот, не е само за една сезона – објаснува Јохансон и додава дека ваквите филмови им отвораат очи на многумина.

Театарот сега има проект „Модна ревија во училиштата“ во кој досега се вклучени 70.000 ученици и 6.000 наставници. На прашањето дали е тешко да се работи со лицата со посебни потрби, Јохансон е категоричен дека воопшто не е.

– Tие се индивидуи како и секој од нас. Работиме поединечно со секој од нив. На пример, во „Модна ревија“, на Ема ѝ беше многу тешко да се движи во круг, но заедно го победивме стравот. Овие луѓе слушаат, вклучени се целосно и посветени се на тоа што го работиме и затоа има и резултат. Дури мислам дека е полесно да се работи со нив отколку со лица без попреченсот, зашто кога се работи со другите, тие луѓе се насекаде со паметот, а лицата со попреченост се тука, во моментов – вели Јохансон.

Сцена од филмот „Колку брусници има во светот“ (The Importance of Tying Your Own Shoes)

Првиот филм што го снимија актерите на овој театар „Колку брусници има во светот“ (беше прикажан во Кинотеката во јули), а во него имаше многу автобиографски мометни од животот на Пер. Нивен нов проект е снимањето нов филм кој е третира една тема што Шведска сака да ја заборави. Јохансон потсетува дека Шведска била првата држава во која се правело расни експерименти врз луѓе со попречености и токму наредната година поминуваат 100 години од тој процес.

– Многу луѓе имаат приказни за овој проект, истражуваме во градот Упсала, мораме убаво да го истражиме ова, да си го запознаеме минатото, за да си ја дознаеме нашата иднина. Мора да се свртиме малку назад и да ја бараме вистината. Денес поновите генерации малку го знаат ова, но ние мора да зборуваме за ова, зашто е исклучително важно – потенцира Пер.

Сподели