Ова е прво големо класично дело на италијанската кинематографија. Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија

Дигитално реставрираната верзија на италијанскиот нем филм „Пеколот“, еден од ретките бисери од филмските архиви од 1911 година, идната недела ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија. Црно-белиот филмот трае 71 минута, а режијата е на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро.

– „Пеколот“ се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според истоимениот прв дел од „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура – велат од Кинотека.

Со проекција на „Пеколот“, Кинотека и италијанската амбасада во земјава ја одбележуваат „Неделата на италијанскиот јазик во светот“ – глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври. Проекцијата ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани од Италија.

Режиран од тројца автори, „Пеколот“ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре, француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари и се смета за фундаментално дело на европската книжевност во средниот век. Неговиот јазик подоцна станал основа на создавање на модерниот италијански јазик.

– „Пеколот“ се смета за прво големо класично дело на италијанската кинематографија. Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија. За неговата реализација биле ангажирани стотина статисти и продуциската куќа „Милано филмс“ користела напредни специјални ефекти за тој период, па филмот доживеал голем публицитет во јавноста и пред неговата премиера. Конкурентската продукција „Хелиос филмс“ сакала да го искористи тој момент, па набрзина снимила кратка и финансиски поскромна верзија на Дантеовиот еп, но „Пеколот“ доживеал огромен финански успех – велат од Кинотека.

Филмските хроничари како најзаслужен за успехот ги посочуваат тогаш иновативните методи на дистрибутерот Густаво Ломбардо кој продавал ексклузивни авторски права за поединечни територии во Италија и во европските земји. Филмот имал долгогодишна прикажувачка историја. Некои негови атрактивни сцени подоцна биле инспирација (некои биле и копирани) во низа холивудски и европски филмови и во звучниот период на филмот.

Во 2002 година филмот е реставриран, а една негова верзија е дистрибуирана со музиката на електронскиот бенд „Tangerine Dream“ од Германија, основан во 1967 од музичарот Едгар Фрезе.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.