Ахеолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија е од 6.400 година пред новата ера и претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа, покажаа лабораториските анализи. Основана е 300 години пред останатите населби во овој регион и засега е најстарата неолитска населба во Македонија. Резултатите добиени од мултидисциплинарното истражување на Влахо се објавени во списанитето „Патримониум“.

Според археологот д-р Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, локалитетот е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што било регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор.

– Тоја го потврди археолошкото истражување, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на конзумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболки, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет – вели Наумов.

Новите откритија за локалитетот се презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта и на предавања во Рим и Берлин.

– Археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го подржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност – вели Наумов.

Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, а вклучени се и стручњаци од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Заводот и музеј од Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и „Гоце Делчев“ од Штип. Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се подржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот „Западен Балкан“ и Европската Унија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.