„Патување пеш“ со успешни премиери на два големи фестивали во Женева и Копенхаген

Документарецот „Патување пеш“ на Тамара Котевска минатата недела имаше две премиери на големи европски фестивали. Станува збор за Интернационалниот фестивал за човекови права во Женева – FIFDH каде официјално ја имаше својата европска премиера, како и на денот на отворањето на CPH DOX во Копенхаген, каде ја имаше првата од 5-те најавени проекции.

Тамара Котевска го промовираше филмот во Женева

На премиерата во Женева беше присутна режисерката Тамара Котевска и директорот на фотографија Жан Дакар, а на премиерата во Копенхаген беше присутен кинематографот Самир Љума. Веќе 22 години по ред, FIFDH е посветен на промоција на филмови кои се борат за човекови права. Секоја година, во срцето на интернационалната Женева и паралелно со главниот собир на Советот за човекови права на Обединетите Нации, фестивалот презентира филмови и одржува жестоки дебати за различни социјални борби и критикуваат насилство врз човечкиот род.

Токму денес во седиштето на Обединетите Нации во 17 часот ќе се организира дебата по третото прикажување на филмот на Котевска во Женева.

Филмот имаше рекордни 5 проекции на еден од најголемите фестивали за документарен филм од А-категорија во Европа: CPH:DOX во Копенхаген, како дел од програмата Highlights.

Филмот „Патување пеш“ ја имаше својата светска премиера на најголемиот фестивал за документарни филмови во САД – DOC NYC во Њујорк во ноември минатата година. Тоа е втор долгометражен документарен филм на нашата млада режисерка Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал Санденс во САД во 2019 год, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 год.

„Патување пеш“ го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше две години на територија на повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во креативниот тим на филмот, покрај Тамара Котевска се и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Главен продуцент на филмот е „Grain Media“, една од најголемите британски филмски компании фокусирана на документарните филмови, македонски копродуцент е „ОХО Продукција“, a филмот е поддржан и од Агенцијата за филм на РСМ.

 

Сподели