Патувачкото кино на „МакеДокс“ вечерва во Босилово

Патувачкото кино на „МакеДокс“ вечерва во 21 часот ќе пристигне во струмичкото село Босилово. Ова е првиот дел од 13. Патувачко кино кое се реализира во струмичкиот регион. Наместо во Моноспитово, како што претходно беше планирано, првата проекција се одржа на 18 јули во училишниот двор на основното училиште во с.Василево во истоимената општина. Иако жителите на селото случајно дознаа за одржувањето на киното во школскиот двор, сепак, масовно се придружија.

Втората проекција на Патувачкото кино се одржа во селото Вељуса, кое ѝ припаѓа на Општина Струмица, на игралиштето од училиштето. Мештаните веќе беа запознаени и известени за доаѓањето на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и го очекуваа да пристигне.

– Тие ни кажаа дека порано се одржувале филмски проекции во Домот за култура, кој е сега распаднат и не функционира. Постарите жители се присетија на времето кога биле млади и оделе на кино проекции, дури и по дозволеното време за излегување од родителите. Проекцијата во Вељуса беше проследена од многубројна публика од сите возрасни групи – истакнуваат од екипата на Патувачкото кино.

Во сабота киното ќе стигне и во Габрово. Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот.

На 19 јули почна и првиот дел од четвртата генерација на школата за млади документаристи „ДокуНикулци“ на „МакеДокс“. На Патувачкото кино тие ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ги прикажат на следното издание на фестивалот „МакеДокс“ во 2023 година. Вториот дел од Патувачкото кино ќе се одржи по фестивалот „МакеДокс“, односно во септември во преспанскиот регион.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Националната фондација за демократија од Вашингтон, општините Струмица и Босилово.

Медиумски покровители на Патувачкото кино се: Слободен печат, Нова Македонија, МКД.мк, СДК.мк, ОФФнет, ПлусИнфо, Е-магазин, УМНО.мк, Еспресо.мк, Кајгана.мк, Радио МОФ, Лице в лице и Окно.

 

Сподели