На панел-дискусијата во Јуроп хаус Скопје под мотото (Fe)male Effect: Her Story, Her Path, Her Power инспиративни беа панелистките Кристина Василатоу, заменик-шеф на мисија во Амбасадата на Грција во Скопје, професорката Маја Бојаџиевска од катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, Драгана Стикова од платформата „Наука за деца“ и Маргарита Арсова од Младинскиот културен центар. Низ разговорот ги модерираше новинарката Ана Зафирова
Кај децата не постојат стереотипи. Сите се еднакви, имаат исти права и си ги бараат, без разлика дали се девојчиња или момчиња. Стереотипите почнуваат кога доаѓаат во контакт со институциите, со општеството што ги „делка“ и моделира. И така се создава свет на нееднакво општество каде постојат квоти на застапеност, а центрите на моќ се далеку од балансирани, каде жената не е рамноправна со мажот, на сите полиња. Можеби е така затоа што кај нас овие состојби сме ги наследиле од жени кои во минатото се бореле за рамноправност, па денеска нештата ги земаме „здраво за готово“. Но, во светот и денес жени со крв ја плаќаат борбата за своите права.

Ана Зафирова, Драгана Стикова, Кристина Василатоу, Марга Арсова и Маја Бојаџиевска (од лево кон десно)
Ова се дел од излагањата на вчерашната панел-дискусија што се одржа во Јуроп хаус Скопје под мотото (Fe)male Effect: Her Story, Her Path, Her Power. Инспиративни беа панелистките Кристина Василатоу, заменик-шеф на мисија во Амбасадата на Грција во Скопје, професорката Маја Бојаџиевска од катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, Драгана Стикова од платформата „Наука за деца“ и Маргарита Арсова од Младинскиот културен центар. Низ разговорот ги модерираше новинарката Ана Зафирова.
Тие зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат жените кои својот професионален живот го посветиле на образованието, науката и културата.

– Жените во Грција денес имаат повеќе можности од било кога, но сè уште мораат да се докажуваат десет пати повеќе. Како жена, од мене се очекуваше да реагирам како маж во дипломатијата. Во овој процес не можеш да бидеш женствена и стратешки да размислуваш. На почеток се изгубив себеси и ми беа потребни години за да го најдам балансот. Пред нас е долг пат, а многу лесно можеме да се вратиме назад. Затоа треба постојано да семе будни, да се бориме за нашите принципи, да бидеме поактивни и да работиме заедно – рече Василатоу.
На прашањето како е да се биде жена во нашата држава, професорката Бојаџиевска одговори:
– Како може да се биде во средина што култивира насилство? Кога пристапот до здравствени услуги е лош особено за женскиот пол? Кога жените во фабриките го носат целиот товар и на работа и дома? Сè додека не ја промениме оваа реалност, не можеме да зборуваме за вистинска еднаквост – вели таа.

Во однос на образованието, Бојаџиевска додаде дека секторот е одамна политизирано.
– Без политичка волја дека образованието е натпартиски интерес, ништо не правиме – рече таа.
Драгана Стикова вели дека со децата е поинаку. Ним не им бегаат деталите – тие гледаат, прашуваат и учат од она што им го раскажуваме.
– Ако сакаме да создадеме иднина каде што жените и мажите се еднакви, мораме да почнеме со менување на приказните што им ги раскажуваме уште од најмала возраст – вели таа.
Маргарита Арсова рече дека жените во културата се меѓу најкреативните и најмоќните гласови на нашето време. Но, гласот на жените не смее да се слуша само на 8 Март.
– Требат да го креваме секој ден. Ние треба да соработуваме, да не бидеме една на друга волк. Да се бориме заедно и да веруваме дека е можно. Јас на ќерка ми ù велам – ја гледаш месечината? Ете ја, качи се. Најди начин и качи се – рече Арсова.

Михалис Рокас
Претходно евроамбасадорот Михалис Рокас ја истакна важноста на родовата еднаквост и потребата од создавање повеќе можности за жените.
– Денес ја славиме силата и успесите на жените, но и потсетуваме дека патот кон родова еднаквост сè уште не е завршен. Системските бариери како нееднаква плата, ограничен пристап до образование и недоволна застапеност во лидерството мора да се надминат. Овие настани на Јуроп Хаус ги охрабруваат младите жени да го кренат гласот за себе и за другите, да го создадат својот Fe-male Effect и да бидат двигатели на промени. Време е за акција – за поправеден и подобар свет за сите – рече Рокас.
Настани посветени на Меѓународниот ден на жената се одржаа во сите седум градови на Јуроп хаус мрежата во земјава, покрај Скопје и во Струмица, Крива Паланка, Велес, Битола, Струга и во Тетово. Инспиративни жени од различни професии ги споделија своите искуства и приказни. На панелите присуствуваа средношколки и студентки кои учеа од успешни жени кои во своите кариери надминале многу бариери. Настаните беа повеќе од обични дискусии. Тие беа автентичен простор каде младите девојки слушнаа корисни совети и пораки.

Во Тетово, заменик-шефот на мисија на амбасадата на Холандија, Манон Јансен, како и трите номинирани жени од регионот – Гзиме Фејзи, Пранвера Касами и Ивана Настески, ги охрабрија младите девојки да покажат храброст и да не се плашат да преземат водство. Сања Бачевски и Валентина Тодороска на дебатата во Струга раскажаа за својата посветеност на одржливото урбано земјоделство, подводната археологија и еколошките политики, инспирирајќи ги младите да размислуваат за иднината на животната средина.
Во останатите четири Јуроп хаус, настаните се одвиваа во формат на т.н. „Жива библиотека“, односно младите девојки директно разговараа со секоја од говорничките. Во Битола, се дискутираше за претприемништвото, академските достигнувања и европските универзитетски партнерства со Ана Ристевска, проф. д-р Ангелина Станојоска и Рената Петревска-Нечкоска, но и за дипломатската кариера со заменик-амбасадорката на Романија, Вероника Чиолча. Еколошкиот активизам, младинското учество и жените во бизнисот беа во фокусот на разговорите во Крива Паланка, каде Јана Цветковска-Лазаревска, Урмета Арифовска и Тамара Петковска, придружени од претставничката од амбасадата на Бугарија, Елена Слатинска-Ованезова, покажаа како младите можат да направат промена.

Велес беше домаќин на дискусии за музиката, дигиталната уметност и иновативните индустрии со Веселинка Маџарова, Лорета Стефановска и Јагода Пачемска, како и за дипломатската приказна на амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин.
Во Струмица, Сузана Мицева, Нена Панова и Ангела Дончева зборуваа за храброста потребна за да се пробие во истражувачкото новинарство и претприемништвото, додека Бјанка Зафировиќ-Орданоска го сподели искуството на советничка кариера во амбасадата на Германија.
– Оваа серија настани е посветена на жените кои секојдневно ги поместуваат границите – тивко, но одлучно; скромно, но трајно. Тоа се жените што ги среќаваме во толпата, оние кои со мал, но значаен гест оставаат силен впечаток. Жените што ја претвораат својата работа во уметност, мајсторките посветени на својот занает, пријателките чие присуство е ненаметливо, но нивното влијание е длабоко. Нивниот ефект може да се спореди со хемиски елемент – цврст како железо. Токму затоа, денешниот настан ја постави оваа формула: Нејзината приказна, пат и моќ, со надеж дека тоа ќе биде само почеток на ново лично откритие за секој што слушна и почувствува инспирација – велат од Јуроп хаус.





