Во Чифте амам во Старата скопска чаршија денеска во 12 часот ќе биде отворена изложбата „Париски рефлексии 2“. Ќе бидат претставени дела од уметници кои реализирале културен престој во Париз. Изложбата ја организира Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на франкофонијата. Изложбата ќе ја отворат претстедателот Стево Пендаровски, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и директорката на НГМ, Дита Старова Ќерими. Куратор е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во галеријата.
– Ќе бидат изложени дела од втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз. Тие извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции – вели Чанкуловска-Михајловска.
Селектирани се дела од авторите родени до 1930 година: Вангел Коџоман, Димитрије Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од колекцијата на НГМ.