Панел-дискусија за зборообразувањето како главен начин за збогатување на македонскиот јазик

Во Музејот на македонска борба и самостојност во 18 часот ќе се одржи панел-дискусија со фокус на зборообразувањето како главен начин за да се збогати македонскиот јазик. Ќе се обрне внимание на теоретскиот и практичниот дел од процесот на создавање нови зборови и ќе го поставиме прашањето дали сме доволно продуктивни во негувањето и развојот на нашиот јазик, велат организаторите.

На дискусијата ќе учествуваат: проф. д-р Славица Велева, професор по предметот „Зборообразување” на Филолошкиот факултет при УКИМ, Фросина Пармаковска, автор, проф. д-р Илина Јакимовска, Институт за етнологија и антропологија, ПМФ при УКИМ и д-р Тамара Ќупева, научен соработник, Институт за македонска литература при УКИМ. Тие ќе ги поделат своите истражувања, искуства и размислувања за значењето и влијанието на зборообразувањето како алатка за развој на македонскиот јазик. Настанот ќе го модерира новинарот Васко Попетревски.

– Преку дискусијата, ќе разгледаме дали постојат аспекти кои бараат освежување или модернизација во согласност со современите теченија. Дискусијата се надеваме ќе нè наведе кон размислување за зборовите кои се сметаат за дел од македонската јазична средина, а сепак не се официјално признати во речниците, истражувајќи ги нивните корени и значење. Покрај тоа, ќе разгледаме од каде произлегува потребата за нови зборови и зошто оваа потреба е клучна за еволуцијата на јазикот.  Дали технолошкиот напредок, социокултурните промени или нешто трето е тоа што го принудува јазикот како жива материја да расте и да се развива? Но, битно е и да ги поставиме и личните прашања: Колкава е нашата улога во активното обликување на јазикот и дали сме мрзливи во употребата и развојот на македонскиот јазик или пак нашата креативност цвета на друг јазичен терен? – велат организаторите.

Сподели