Пандора Апостолоска-Саздовска и Сашо Саздовски на Уметнички симпозиум во Тунис

Уметниците Пандора Апостолоска-Саздовска и Сашо Саздовски учествуваат на симпозиумот под наслов „Заедно“ во Тунис каде ги изложуваат своите дела со 38 уметници од повеќе земји од светот. Тие ја претставуваат Македонија по покана од кураторите Рим Ајар од Тунис и Али Рашид од Ирак. На изложбата која ќе биде отворена до крајот на мај претставени се монументални скулптури, слики, графики и цртежи на уметници од Тунис, Мароко, Азербејџан, Катар, Јордан, Ирак, Алжир, Кувајт, Индија, Холандија, Франција, Белгија, Италија, Уругвај, Шпанија, Русија, САД, Романија, Полска и од Македонија. Програмата вклучува посета на значајни историски споменици на културата, музеи и градови под заштита на УНЕСКО како синиот град Сиди Бу Саид, археолошкиот локалитет на Картагина, римскиот амфитеатар во Утина и Ел Џем во Тисдрус, најголемиот и најсочуван амфитеатар од римскиот период кој е вклучен во светското културно наследство и музејот Ле Бардо во Медина.

Пандора Апостолоска-Саздовска

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломира на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на професорите Душан Перчинков и Танас Луловски. Нејзината уметничка практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, центарот за современа уметност во Абу Даби, Фондацијата Хејдар Алиев во Азербеџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, Центарот за современа уметност во Нормандија, Уметничка фондација Ал Алшамах во, Катар , уметничко биенале во Малезија, 19 Азиско биенале во Бангладеш, 58 Биенале за архитектура во Венеција, центарот за современи уметности во Шпанија, Мароко, Тунис, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Кореја и на други места. За нејзината работа таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор по современа уметност, проект поддржан од Нејзиното Височество Шеиха Џавахер Бинт Мохамед Ал Касими, на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

Сашо Саздовски

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности, на катедрата за скулптура и графички дизајн, а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје Македонија под менторство на проф. Драган Поповски-Дада. Уметничката практика на Саздовски е научно истражувачка. Во своите истажувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност MECA Алмерија Шпанија, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија и други места. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури на јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Сподели