Младите луѓе многу ги погодува сета таа несигурност што ја предизвика пандемијата. Ние возрасните поинаку се справувавме, но тие се деца на 17-18 години и многу тешко им паѓа целиот момент на недостиг на социјализација, вели проф. Ангелина Дамјаноска-Наумоска
Пишува: Александра Јуруковска
Поради пандемијата, учениците беа принудени сè да завршат за шест месеци, откако се вратија на настава со физичко присуство. Работеа во отежнати услови, не го користеа ателјето цела година, но сепак успеаја да постигнат добри резултати, вели Ангелина Дамјаноска-Наумоска, предметна професорка во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“. Завршната изложба по предметот визуелни уметности на учениците од програмата Меѓународна матура е отворена Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Ова е јубилејна 25. изложба на оваа програма, а на неа учествуваа годинашните 19 матуранти. Секој од нив се претстави со 4 до 6 дела, кои според пропозициите, потоа се оценуваат од страна на надворешни оценувачи на ММ. Изложбата ја отвори директорката на училиштето, Силвана Кржовска.
Дамјаноска-Наумоска објаснува дека програмата на Меѓународна матура дозволува многу слобода. Секој ученик избира идеја врз која ги гради делата, а при тоа ги следат и критериумите за оценување.
– Тие одбираат теми што лично им значат. Медиумите и техниките ги бираат според личните афинитети. Во просторот во „Мала станица“ може да се видат многу разновидни дела: од класично сликарство, преку скулптури, инсталации до видеоарт. Она што генерално може да се забележи е дека пандемијата силно влијаеше на нив: страв, тажни и осамени фигури или ситуации. Нив како млади луѓе многу ги погодува целата таа несигурност што ја предизвика пандемијата. Ние возрасните поинаку се справувавме, но тие се деца на 17-18 години и многу тешко им паѓа недостаток од социјализација – вели Дамјаноска-Наумоска.
Меѓународната матура функционира на принцип на надворешно оценување, преку специјална платформа за оценување каде што се поставуваат електронски сите трудови на учениците, а потоа екстерно се оценуваат. Според проф. Гордиана Ѓоргова, координатор на оваа програма, од една страна пандемијата претставувала пречка во одредени елементи, но од друга страна, онлајн-наставата функционираше добро, бидејќи короната ги принуди максимално да ја користат технологијата.
– Предметите што се изучуваат во програмата (визуелни уметности е еден од нив) претставуваат одлична основа за понатамошно академско образование, но и за стекнување животни вештини. Нашите ученици продолжуваат со своето образование во различни сфери: економија, политички науки, архитектура, инжинерство. Предметите се така организирани, што не учат само содржина, туку и методи како да учат, па на факултет одат веќе подготвени за изработка на секакви академски трудови. Каде и да отидат, добро се снаоѓаат. И она што е особено важно, тие веќе имаат развиено чувство за академска чесност – истакнува Ѓоргова.
Изложбата на ММ ја посетуваат и нивните соученици од истото или од другите скопски средни училишта. Редовна публика низ годините се и претходните генерации на ММ од кои едел дел веќе студираат во големите европски и светски универзитетски центри. На отворањето во петокот, беа присутни и ланските матуранти, кои токму поради короната немаа завршна изложба. Јубилејната изложба ќе биде отворена до 27 март.