Публиката во Универзална на 15 јуни 1968 година гледала претстава со танчери во костими на легендарниот Раушенберг!

Монографијата е придонес во културната меморија на градот, таа треба да продолжи да ги чува спомените на скопјани за најтоплата приказна на градот, без оглед на судбината на објектот – вели авторката Весна Дамчевска

Мојот предизвик да се зафатам со темата на Универзална сала беше фактот што, настрана тоа што објектот последниве години пропаѓаше, постоеше многу голема веројатност со него да исчезне и цела една историја, спакувана во кутии во некои депоа, недостапна за јавноста. Ова е една од ретките монографии за културното наследство од периодот на солидарноста, но единствена за Универзалната сала како еден од најзначјаните репрезенти на постземјотресното наследство на градот. Со оваа книга тоа наследство и богатството од настани што се одржувале тука добиваат физичка форма во облик на книга, која е од особено значење за градот Скопје во областа на културата – вели Весна Дамчевска, авторка на монографијата „60 години Универзална сала – Скопскиот симбол на хуманоста“, што ќе биде промовирана денеска на пладне во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Со Дамчевска, која е уредник за култура во „Нова Македонија“ и посветено ја следи културната сцена повеќе од 20 години, поразговаравме за ова важно дело посветено на симболот на солидарноста.

„60 години Универзална сала – Скопскиот симбол на хуманоста“ е значајно дело за еден објект кој е многу важен во постземјотресната историја на Скопје. Како дојдовте до идејата за проектот? Дали имавте потешкотии дури да го види светлото на денот?

– Изработката на монографијата е дел од активностите за одбележување на 60-годишнината на Универзална сала (1963-2023), поточно шест децении од зачетокот на идејата за изградба на салата, која се раѓа истовремено со отстранувањето на тешките последици и со обновувањето на градот, непосредно по катастрофата, во 1963 година. Во мигот на катастрофата, Скопје воспоставило низа контакти со светот. Човечката солидарност дошла до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот, особено во областа на културата. Тогаш стигнуваат и првите донации за изградба на еден ваков објект што требало да биде мултифункционален. Изгрaдбата на објектот е завршена две години по скопскиот земјотрес, во 1965 година, а официјално пуштен во употреба на 10 јануари 1966 година, со изведба на драмската претстава „Виктор или деца на власта“ на легендарното „Ателје 212“ од Белград.

На 16 јануари, истата година, пак, е одржан првиот голем концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински. Ова го кажувам за да нема забуна околу годишницата. Мојот предизвик да се зафатам со оваа тема беше фактот што, настрана тоа што објектот последниве години пропаѓаше, постоеше многу голема веројатност со него да исчезне и цела една историја, спакувана во кутии во некои депоа, недостапна за јавноста. Ова е една од ретките монографии за културното наследство од периодот на солидарноста, но единствена за Универзалната сала како еден од најзначајните репрезенти на постземјотресното наследство на градот.

Со оваа книга тоа наследство и богатството од настани што се одржувале тука добиваат физичка форма во облик на книга, која е од особено значење за градот Скопје во областа на културата. Не можам да кажам дека имаше потешкотии околу излегување на книгата, затоа што комуникацијата и соработката со вработените и раководството на Универзална сала-Скопје (книгата е издание на установата) навистина беше одлична, успеваме да ја завршиме книгата навреме и да добиеме навистина ретко квалитетно издание во смисла на печат, дизајн, корица… Потешкиот дел беше оној што претходеше, самиот процес на обработка на материјалите и вообличување на текстот и визуелниот изглед на книгата.

Како истражувавте? Имавте ли доволно достапен материјал?

 – Историјата на Универзална сала се протега цели шест децении, прилично долг историски период ако сакате публицистички да го обработите и да го спакувате во ограничен број страници, прикладни за една монографија, ни премалку, ни премногу. Мораше да се најде некоја средина, за да биде реална нејзината реализација во смисла на ресурси (книгата брои 200 страници), но и да биде доволно богата со содржини што ќе соодветствува на извонредниот број на активности во салата во изминатите децении. Сите знаеме дека Универзална сала била домаќин на историски настани и била синоним за културното живеење на градот. Оттука можете само да претпоставите колку е богата и разновидна архивата. Најголем дел од материјалите се наоѓаат во Државниот архив на Македонија, а дел во депоата на самата институција.

Станува збор за илјадници и илјадници страници пишан материјал, фотографии, плакати, писма, документи, коресподенции, влезници, преписки, исечоци од весници, техничка документација… Сето тоа, плус сеќавањата на скопјани, кои ако не беше книгава, ќе останеа само како усна традиција. Дали беше тешко? Мислам дека пишувањето на текстот беше можеби најлесниот дел од работата. Најизискувачкиот, физички, беше истражувачкиот дел од процесот, прегледувањето и прелистувањето на материјалите, кои патем не се евидентирани на начин што е едноставен за анализа, напротив, она што ми беше потребно беше во ист куп со тон бирократска документација, Но, најтешкиот дел од работата беше селекцијата на тоа што на крајот ќе остане во книгата, а што ќе мора да отпадне поради ограниченоста на просторот.  Мислам дека сум задоволна со направениот избор, иако сум свесна за тоа дека многумина што нема да се најдат себеси на страниците на оваа книга, нема да го делат моето задоволство. Но, оваа монографија нема амбиција да биде енциклопедиско издание, кое бара сосема поинаков пристап, туку има за цел да  материјализира во трајно сведоштво една сублимирана историја за важноста на овој објект како белег на културниот идентитет на градот. Беше невозможно сè да се опфати, особено ако се знае дека тука се случиле повеќе од 5.000 манифестации, а ги проследиле над 5.800.000 посетители. Затоа и велам дека ова не е само моја книга, ова е книга на сите оние што барем еднаш во животот влегле во Универзална.

Кои се најфасцинантните моменти/факти до кои истражувајќи стигнавте?

– Ги има повеќе. Ова ми беше највозбудливиот креативен проект на кој досега сум работела. Во купот хартии наидував на познати факти и настани, но и на некои незамисливи податоци. На пример, во 1968 година во Универзалната сала гостува култниот Американскиот балетски театар на Пол Тејлор, великан на современата кореографија во тоа време, а за тој настап на 15 јуни 1968 година во весникот „Нова Македонија“ пишува нашиот најистакнат историчар на уметност, Борис Петковски, откривајќи една неверојатна работа. Тој зборува за  извонредната светлосна и особено костимографска опременост на претставата и пишува: „Таков впечаток не ме изненадува кога костимите за Епитаф се дело на прочуениот современ американски сликар Роберт Раушенберг“!

Замислете, скопската публика на тој 15 јуни 1968 година што била на претставата имала привилегија да гледа танчери облечени во костими – дело на легендарниот Раушенберг! Има и други вакви откритија, како на пример дека Универзална била членка на спонзорската асоцијација на операта „Метрополитен“, или дека во 1981 година гостувал престижниот кралски балет „Садлерс Велс“ од оперската куќа „Ковент гарден“ од Лондон, со две претстави, на 14 и 15 октомври. Директорот на кралскиот балет своерачно го потпишува програмчето за претставата… Ова се само неколку куриозитети,  ќе оставам читателите да ги откриваат останатите низ страниците на книгата.

Што претставувала Универзална сала за Скопје?

– На таблата поставена пред објектот, која ги пречекуваше посетителите со децении,, сигурно се сеќавате, стоеше овој натпис: „Овој објект ќе остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес, 26 јули 1963 година…“ Мислам дека суштината на салата е токму таа негова карактеристика, фактот што е подигната со помош од најголем број земји, што идејата за нејзина изградба наишла на толку голем интерес, кај хуманитарни организации и владите на вкупно 35 земји, како и кај странските туристи што на денот на катастрофата се нашле во тогашна Југославија. Универзалната сала важи за најеклатантниот пример на таа солидарност.

Објектот исто така е најдобриот показател дека Скопје станал град со светска мисла. Универзалната сала е можеби најголемиот и најблескав симбол на таа хуманост и солидарност, затоа што е изградена со помош од најголем број земји, па оттука и го добива симболичниот назив „универзална“. Токму поради тоа таа не е само „привремена барака“, како што многумина сакаат да ги нарекуваат повеќето од објектите со одредена намена изградени непосредно по земјотресот, туку е една архитектонска реализација и историска целина што во себе, покрај градежен материјал, го содржи и човековото локално чувство за идентификација. И тоа, според мене, е нејзината највисока вредност.

Во моментов Универзална сала се наоѓа пред ново раѓање. Верувате ли дека ќе дојде ден кога повторно ќе воскрене оваа сала во целиот свој сјај?

– Се радувам на почетокот на градежните работи и се надевам дека ова нема да бидат само агенда на предизборното милје. Кога ја подготвував монографијата, цела измината година, работите стоеја во место, објектот физички пропаѓаше и тоа беше можеби и една од причините да се остави некаков белег за таа сала и за нејзината богата историја. Така што почетокот на реновирањето на салата и публикувањео на оваа книга е сосема случајно, но во секој случај, убаво совпаѓање. Затоа не сакам на никаков начин да се политизира овој монографски, публицистички, историски, книжевен потфат, целта и мисијата на книгата се многу над политиката – монографијата е придонес во културната меморија на градот, таа треба да продолжи да ги чува спомените на скопјани за најтоплата приказна на градот, и без оглед на судбината на објектот.

Отсекогаш сум верувала дека политиката треба да стои настрана од креативните и културни текови, можеби да има влијание само во смисла на градење на културна стратегија, но не и да штети на нејзината виталност. Во тој контекст има уште еден куриозитет за салата и нејзиното затворање. Имено, последниот настан што се одржува во самиот објект е политички – на партиска трибина на 10 март 2015 година пред јавноста се објавувани прислушуваните разговори, познати во јавноста како „бомби“, и веднаш по завршувањето на трибината, парче од таванот на Универзалната сала се откорнува и паѓа врз седиштата. Тогаш практично, по неколку децении успешна работа, вратите на Универзалната сала се затвораат. Ете, и овој пример, е алузија на тоа колку политиката може да биде токсична за културата.

Сподели