„Ова е Димитар, ученик со аутизам, кој имаше среќа наставник да му биде Иле Михајловски“

Ова се зборовите на таткото кој сними видео со својот син кое почнува со песна на англиски јазик која Димитар му ја посветува на својот одделенски наставник Иле Михајловски од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Свети Николе

„Ова е Димитар. Ученик со аутизам, 18-годишен гимназијалец од Свети Николе. Ја имаше таа среќа негов одделенски наставник од прво до петто одделение да биде Иле Михајловски. Благодарение на наставникот Иле, Димитар растеше и учеше во средина во којашто во ниту еден момент не се почувствува дискриминиран. Напротив, растеше опкружен со љубов, со почит, со другарство. Примерот на наставникот подоцна го следеа и неговите колеги, како и денес професорите на Димитар. Ова кратко видео нека биде знак на наша огромна благодарност за неговата работа, труд, несебичност, за сето време посветено во учењето на Димитар и на сите негови другарчиња во одделението. Истовремено, ова нека биде поддршка и надеж дека токму тој ќе биде наставник на годината на Глобалната награда за наставници (Global Teacher Prize)“.

Ова се зборовите на таткото кој сними видео со својот син кое почнува со песна на англиски јазик која Димитар му ја посветува на својот одделенски наставник Иле Михајловски од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Свети Николе. Димитар завршува со зборовите:

– … Смеј се гласно и радувај се со секој инч од твоето срце.

Михајловски влезе во 50-те финалисти (од 5.000 пријавени од целиот свет) за Global Teacher Prize што ја доделува GEMS, иницијатива на фондацијата Varkey во соработка со УНЕСКО. Денеска ќе бидат сооптени имињата на 10-те финалисти од кои ќе биде избран победникот.

– Ја добив најубавата поддршка што како наставник и како човек можев да ја добијам! Поддршка од мојот Дими, од моето Фламинго! Душата ми е преполна – вели Михајловски.

Приказната како тој учел од својот ученик со аутизам наставникот Иле ја раскажа пред повеќе години.

„Би лажел ако речам дека е лесно. Аутистичен спектар на однесување подразбира и спектар на тешкотии со кои секојдневно се сретнувам. Прилично е тешко да им објасниш на шестгодишни првачиња што е аутизам и зошто нивното другарче се однесува различно. Да ја елиминираш можноста дечињата да го копираат однесувањето на нивното другарче со аутизам е голема одговорност и тежина …“, рече тогаш Михајловски. Тој ги раскажа предизвиците со кои се соочувале, битките што ги извојувале заедно. Не само тие двајца, туку целото одделение. И најважно од сè, како Димитар прераснал во другарот што го поврзува целото одделение.

Целата македонска јавност деновиве му дава поддршка на Михајловски. Институциите, медиуми, јавните личности. Поддршка стигна од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерката за образование и наука Весна Јаневска, од пејачката Ребека. Деновиве поддршка му дадоа и Калиопи и Маја и Дарко Панчеви.

– Голема е радоста и прекрасно е чувството да се знае дека во оваа наша малечка, но толку прекрасна Македонија постојат луѓе како Иле Михајловски. Тој успеа да покаже дека можеме, ако сакаме, образованието да го презентираме на најквалитетен начин на светско ниво – вели Калиопи.

Маја и Дарко Панчеви го познаваат Михајловски повеќе од 20 години и ја следат неговата работа. Го опишуваат како скромна и посветена личност во ота што го работи. Тие му посакаа победа во натпреварот и нагласија дека за нив е веќе победник.

Платформата Global Teacher Prize го опишува Михајловски како посветен наставник од Свети Николе кој е светилник на надеж во образовниот систем кој се соочува со многу системски предизвици.

„Неговиот животен пат, обликуван уште од адолесценцијата како дете без родители и страста за уметноста е обележана со непоколеблива посветеност за поддршка на децата од ранливите категории, поттикнување на инклузивно образование и негување на нова генерација на емпатични глобални граѓани. Иновативните наставни практики на Иле имаат длабоко влијание врз неговите студенти, особено оние од маргинализираните групи“, пишува меѓу другото.

За наградата се номинирани само тројца наставници од Балканот. Во финалните 50 за наградата во изминатите години била и наставничката Весела Богдановиќ од Битола.

Сподели