Градовите Оулу во Финска и Тренчин во Словачка се Европски престолнини на културата за 2026 година. Програмата во Оулу почна во минатата недела, а отворањето во Тренчин е закажано за 13 февруари. Иницијативата е поддржана од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“. Скопје е избран за Европски престолнина на културата за 2028 година.
Сместен во регионот Северна Остроботнија, Оулу ја оформил својата културна програма во соработка со уште 39 општини, за да прослават инклузивноста и соработката во европскиот културен пејзаж. Градот во манифестацијата ќе вклучи стотици уметници, креатори и културни професионалци не само од градот и поширокиот регион, туку и од цела Европа.
Фокус на програмата се поттикнување на „Културни климатски промени“ за да одговори на актуелните глобални предизвици, вклучувајќи одржлив развој, културна разновидност и отпорност. Градот сака да ја охрабри публиката повторно да размисли за тоа како се создава, доживува и споделува културата.
Со програма насловена „Љубопитност“, Тренчин ќе инспирира градење мостови меѓу луѓето, меѓу минатото и иднината, меѓу имагинацијата и реалноста. Отворањето е закажано од 13 до 15 февруари. Програмата настојува да ги реобмисли јавните простори, да ги зајакне односите во заедницата и да поттикне креативност и иновации. Тренчин, познат по историскиот замок, е позициониран како центар за културна размена и истражување за да се поттикне живо, инклузивно и одржливо општество. Планирана е мултимедијалната изложба „Бунарот на љубовта“ со дела од турски уметници, литературен фестивал, летен фестивал на нова музика, со десетици концерти и свежи словачки музички таленти. Културното лето ќе кулминира со отворањето на мостот „Фиеста“, нов симболичен белег на Тренчин. Во септември, градот ќе ги обедини двата брега на реката и локалните заедници околу овој нов простор преку театар, музика, активности за деца и спортски настани.
Основани во 1985 година по идеја на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури, манифестацијата Европска престолнина на културата прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа. Акцијата им овозможува на градовите да ја слават културната разновидност, да ги вклучат заедниците, да создадат европски поврзувања и да го поттикнат локалниот и регионалниот развој.





