Отворено пријавувањето за „Вози право, вози здраво“

Најмасовниот настан на тркала „Вози право, вози здраво“ ќе се одржи на 28 мај (недела). Веќе е отворена регистрацијата што може да ја направите на следниот линк, најдоцна еден ден пред трката, со што ќе добијат стартен број, маичка и можност да освојат награди на лотаријата.

На овој ден, скопските улици во центарот на градот ќе бидат ослободени од автомобили и целосно отворени за сите рекреативци на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, бебешки колички и други еколошки превозни средства на тркала.

Подигнувањето на стартните пакети почнува од 22 мај до 27 мај, односно стартните бројчиња ќе може да се подигнуваат и на неработниот ден 24 Мај. Подигнувањето на бројчињата ќе се одвива пред просториите на Стопанска лизинг, на улица „Македонија“ бр.16, до Спомен-куќата на Мајка Тереза, секој ден од 10 до 18 часот.

Стартот на седмото ревијално возење е од Порта Македонија во 17 часот, од каде учесниците се упатуваат до Градскиот парк каде ќе ги чека освежување обезбедено од организаторот Стопанска банка АД Скопје, како и голема забава со музика, вредни награди и бројни изненадувања. Секој учесник кој има стартно бројче учествува во лотарија во која за седмото издание на „Вози право, вози здраво“ ќе се доделат 7 велосипеди за возрасни Specialized, 7 детски велосипеди Specialized, 7 кациги Specialized, 7 Air pods, 7 Garmin часовници, 7 спортски ранци и 7 JBL слушалки. Дополнително, во текот на настанот ќе се поделат и утешни награди, како маици, ТОПСИ торби и шишиња за на велосипед.

Ова е настан наменет за дружење, забава и промоција на здрави животни навики и чување на животната средина. Затоа на „Вози право, вози здраво“ не се мери времето и сите се победници, а главната цел е да се пренесе пораката за значењето на здравата животна средина, како и намалување на сообраќајниот метеж преку користење на алтернативни средства за превоз кои не ја загадуваат околината, велат организаторите.

Сподели