Отворена изложбата во чест на Омер Калеши

Изложба во чест на Омер Калеши синоќа беше отворена во галеријата Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Претставени се 30-ина негови дела изработени во техниката масло на платно. Омажот го организира Националната галерија во чест на Калеши (1932, с. Србица, Кичевско – 16.4.2022, Истанбул, Турција), а во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје и членови од семејството на Калеши.

Омер Калеши е роден во Македонија, а емигрирал во Турција, каде што завршил Ликовна академија. Од 1965 година живее во Париз.
– Тој беше исклучително позитивен пример за духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој ја бранеше и со посебна инспирација и љубов ја доловуваше убавината на балканската цивилизација и сите културолошки испреплетувања наспроти наметнатата психологија на подвојување и разединување – велат од НГМ.

Тој се одликуваше со космополитски дух. Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата, како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција. Во неговата богата биографија имал повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан.