Изложба на слики од нашиот реномиран уметник Атанас Ботев е отворена во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана. Тој се претставува првпат пред тиранската публиката со дела создадени во последниот период.
– Неговите халуцинантни слики со длабока содржина беа голема провокација за љубителите на уметноста во Тирана. Многумина констатираа дека се работи за уметност која е сосем нова и оригинална. Во убава атмосфера се разви прекрасен разговор за сликите на Атанас Ботев и каде треба да оди денешната нова уметност – вели Златко Ориѓански, директор на КИЦ во Тирана.

Атанас Ботев (1973, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (графика и графички дизајн), каде и магистрирал. Работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје. Твори во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, инсталација, перформанс. Реализирал бројни самостојни и групни изложби дома и во странство, а добитник е на повеќе награди.





