Во полниот салон на Националната опера и балет во Скопје, со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ на кореографката Олга Панго, на музика на Калиопи Букле, синоќа беше отворено 20. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал Танц-Фест Скопје. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“.
Со оваа претстава започна програмата „Паралели“, која ја означува соработката на фестивалот и НОБ и во која ќе се прикажат три современи кореографии на домашни автори.
Извонредните танчери на Националниот балет, Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лочеј, Ендру Кук и Агим Бафтии, донесоа прекрасна магија на сцената, на големо задоволство на публиката, која ги награди со стоечки аплаузи. Претставата е една од најзабележителните продукции на рецентната македонска балетска сцена, чии автори се Калиопи (музика), Олга Панго (кореографија), Сашо Димоски (либрето), Валентин Светозарев (сценографија), Раде Василев (костимографија), Емил Петров (мултимедија и дизајн).
Следна претстава на програмата „Паралели“ во рамки на фестивалот е претставата „Сага“, која ќе се одржи на 16 април во 20 часот на големата сцена на НОБ, во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски. Во претставата учествуваат првенци, солисти и ансамблот на Националниот балет.