Отворен Лекторат по македонски јазик во Нитра, Словачка

Лекторат по македонски јазик е отворен на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка. Ова е 12. лекторат во странство на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј. На свеченоста присуствуваше делегација од УКИМ составена од проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, проф. д-р Кристина Николовска, директор на МСМЈЛК и проф. д-р Звонко Танески.

– Танески, кој со својата долгорочна научна, преведувачка, високообразовна и културна мисија во Словачка изгради цврсти мостови меѓу македонската и словачката култура, ќе биде лектор во новоотворениот Лекторат и продолжувач на оваа важна меѓукултурна соработка – велат од УКИМ.

Отворањето на Лекторатот претставува силен поттик за развојот и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура надвор од нашите граници, и истовремено ново поглавје во македонско-словачките академски врски. Наставата во Лекторатот ќе придонесе и кон поголема видливост на македонскиот јазик во централноевропскиот образовен простор.

Сподели