Отворен конкурсот на Агенцијата за филм

Конкурс за финансирање проекти за долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2026 година објави Агенцијата за филм. Конкурсот е отворен во текот на целата година, а одлучувањето ќе биде двапати годишно – во април и во октомври. Право на учество имаат филмски продуценти регистрирани во Македонија со дејност производство на филмови (59.110). Студентски филмови не се прифаќаат.

– Ги охрабруваме сите филмски автори и продуценти да ги пријават своите проекти и да придонесат кон развојот на македонската кинематографија – велат од Агенцијата.

Според пропозициите, финансиска поддршка ќе добијат до 70 отсто од вкупниот буџет за редовни проекти и до 90 отсто за дебитантски и проекти од посебен интерес (со јасно дефинирани максимални износи по категории).

Посебен акцент се става на проекти од национален интерес, кои промовираат македонски јазик и дијалекти, културно-историски вредности, деца и млади, мултикултурност, децентрализација и помалку застапени жанрови.

Во првиот рок пријавите треба да се достават со 2 март, а во вториот рок до 3 август. Пријавувањето се врши со пополнета пријава и задолжителна документација, доставена по пошта и електронски на: info@filmagency.gov.mk

Повеќе информации на линкот.

Сподели