До 30 јуни отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“

Отворен е конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2023 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Целта на манифестацијата е преку различни културни активности да се поттикне создавањето на дела со употреба на македонскиот јазик.

Сите заинтересирани најдоцна до 30 јуни може да аплицираат на конкурсот кој е објавен денеска во медиумите и на веб-страницата на Министерството за култура.

Предлог-проектите може да бидат: ликовни интервенции во урбан простор (графити) создадени на македонски јазик; стикери (налепници) за социјални мрежи и канали на комуникација (вибер, инстаграм…); самостојни и групни изложби на дела создадени со користење македонски јазик; литературни промоции; организирање дебати, конференции, работилници и слично.

Локациите за претставување на проектите може да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои можат да добијат нов современ лик како уметничка сцена. Манифестацијата ќе се одвива од 15 јули до 1 октомври.

Предност имаат млади автори до 30-годишна возраст кои за првпат конкурираат, мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.

Сподели