Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје органзира отворени денови, што ќе се одржат од утре (18 август) во 9 часот до 19 август до 14 часот на платформата „Мајкрософт тимс“. Ова е можност да се запознаете со професорите и студентите, вели ректорот Никола Јанкуловски.
– Немајте двојба, разрешете ги недоумиците доколку ги имате, прашајте ги сѐ што ве интересира: за студиските програми, за можностите за стипендирање, слушнете ги искуствата на вашите идни колеги, студентите од повисоките години кои несебично со вас ќе ги споделат нивните искуства за вклученоста во научноистражувачките и останатите проекти, дознајте за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практиканството, за кариерните можности – вели Јанкуловски.

проф. д-р ректор Никола Јанкуловски
На следниот линк можете да ги видите термините за студиите што ве интересираат.
УКИМ зад себе има богат 72-годишен пат, исполнет со резултати достојни за почит, пат длабоко втемелен во сите пори на нашето општество, вели ректорот.
– Големиот избор на квалитетни и иновирани студиски програми во сите циклуси на студии, постојаниот стремеж за достигнување на квалитетот на образовните програми на европските и светските универзитети, како и следењето на трендовите на атрактивност на студиските програми, се основна одлика на УКИМ со која се одвојува и предничи пред сите останати. Богатата високообразовна понуда на УКИМ пак е одраз на осовременувањето на наставно-образовниот процес, следењето на интересот на студентите, стопанството и современите текови на образованието во глобални рамки. Нашиот Универзитет организира настава на студиски програми во сите научни области: природно-математичките, техничко-технолошките науки, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите – вели Јанкуловски.





