Отворање на изложбата „Креативен код“ во Чифте амам

„Креативен код“ е насловот на проектот кој по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска во 14 часот ќе биде отворен во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Изложбата ќе ја отворат Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, Бранка Костиќ, етномузиколог и музички публицист, уметнички раководител во „Танец“ и Маја Димитрова, едукатор на проектот. Програмата ќе биде збогатена со сплет ора во изведба на ансамблот „Танец“ и заедничка изведба на „Јовано Јованке“ со учениците на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и учениците од училиштето за оштетен слух и говор „Партениј Зографски“.

– Во словенската митологија, шумата отсекогаш заземала важно место. Се верувало дека дрвјата имаат своја душа и дека некои дрвца зрачат со таква магија што околу нив се собираат вили и самовили. Постарите стебла посебно се почитувале бидејќи во нив живееле чудни божества што ги заштитувале сите живи суштества кои живееле во неа. Така, целата таа магија, на некој начин, постои и денес преку проектот насловен „Креативен код“. А во нашата шума безброј различни дрвца, мали, големи, со различни форми, бои, но сите толку посебни и уникатни. Патувајќи низ неа, се чувствува енергијата која нè води кон нашето будење и потребата за еден поубав и побезбеден свет – велат организаторите.

Децата од „Партениј Зографски“ и оваа година работеле со учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, паралелката по меѓународна матура и со студентите од Машинскиот факултет, од отсекот индустриски дизајн.

– Волшепствата во нашата шума ги изработија во 3Д-принтери во просториите на факултетот, што беше одлична можност да стекнат нови вештини, како и да другаруваат во текот на работилниците. Со секоја мисла што ја мислиме и со секој збор што го кажуваме ја создаваме, ја креираме нашата иднина. Нашите дејства се претвораат во наши искуства, а, пак, тоа го дава оној креативен код што нè одбележува нас како индивидуи. Само така може да се види смислата на нашето постоење – вели Димитрова.