Во барокната зграда „Скуола деи Ланери“ во Венеција денеска во 18 часот ќе биде отворен македонскиот павилјон на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност. Актуелната ликовна сцена ја претставуваат Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска со проектот Landscape Еxperience. Изложбата ќе ја отворат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија и комесар на претставувањето,

Куратори се Ана Франговска, виш кустос во НГМ и Сања Којиќ-Младенов, кустос-советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија, и кустос на проектот „Евровизија“ (Evrovizion) во Одделението за визуелна уметност на ИФА Штутгарт.

– Landscape Experience е мултимедијален проект кој вклучува видеоинсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно се во фокусот на овој проект. На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите што демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите – велат организаторите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.