Отворање на изложбата „Украс“ од Марјана Костојчиноска-Узунчева во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска во 18.30 часот ќе биде отворена изложбата „Украс“ од уметницата Марјана Костојчиноска-Узунчева. Таа ќе се претстави со комплексна и повеќеслојна просторна инсталација низ која отвора низа актуелни прашања во врска со позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества. Според Анита Бошкова-Доковска, инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика.

– Делото е интригантно и според концептот и според реализацијата и начинот на собирање на предметите кои Костојчиноска-Узунчева ги инкорпорира во инсталацијата, главно декоративни предмети кои биле составен дел од нечиј невестински мираз, до нивната моќна симболика и универзалната, недвосмислена порака која тие ја носат – вели Бошкова-Доковска.

Марјана Костојчиноска-Узунчева дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје – отсек графика. Досега реализирала 27 самостојни изложби, а учествувала на повеќе од 50 групни претставувања во земјава и во странство. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Сподели