Згрозени сме. Ова се случува по втор пат, првиот пат пред 7-8 години, тогаш бистата ја најдоа фрлена в езеро. Сметам дека ова сега не е случајно на денешен ден, кога се навршуваат точно 18 години од смртта на Анте – вели за умно.мк Александар Поповски, син на големиот поет

Бистата на еден од најистакнитите македонски поети Анте Поповски во Струга денеска е откорната и фрлена во крајбрежјето на Охридско Езеро, додека главата од спомен-обележјето на Славко Јаневски е свртена наопаку. Од Струшките вечери на поезијата најостро го осудуваат вандалскиот чин на сквернавење на бистата на Поповски. Настанот е пријавен во полиција, извршен е увид.

– Апелираме за елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали. Не сакаме да претпоставиме дека аналфабетите вандали што го извршија овој чин воопшто имаат претстава дека денес, 1 октомври се навршуваат 18 години од смртта на Анте Поповски – велат од СВП.

Бистата привремено ќе биде отстранета за да се извршат потребните технички зафати за нејзино поцврсто фиксирање на постаментот за да се оневозможат ваквите вандалски чинови.

Семејството на Анте Поповски е згрозено од чинот.

– Ова се случува по втор пат, првиот пат пред 7-8 години, тогаш бистата ја најдоа фрлена в езеро. Сметам дека ова сега не е случајно на денешен ден, кога се навршуваат точно 18 години од смртта на Анте. Државата треба да поведе сметка за ваквите случувања – изјави за умно.мк Александар Поповски, син на Анте Поповски.

Фотографии: Струшки вечери на поезијата

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.