Многу основци, наставници, родители и љубители на науката присуствуваа на специјалниот настан по повод одбележувањето на Ноември – месец на науката што се одржа викендов на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Настанот беше посветен на промовирање на научната љубопитност кај најмладите. Основците демонстрираа научни експерименти и презентираа свои истражувачки проекти од различни научни области, меѓу кои физика, хемија, биологија, математика, географија и природни науки.

– Атмосферата беше збогатена со возбудлив хемиски спектакл кој привлече особено внимание, како и со бројни презентации, предавања и интерактивни работилници реализирани од наставници, научни работници и универзитетски професори – велат организаторите.
Главен организатор на оваа иницијатива е Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ). Во организацијата активно учествуваа и Македонското биолошко друштво (МБД), Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), Македонското географско друштво (МГД), Македонското еколошко друштво (МЕД), Македонското астрономско друштво (МАД) и Скопското астрономско друштво (САД). Благодарение на нивниот заеднички ангажман, настанот понуди богата и едукативна програма која ја истакна важноста на научното образование.

– Настанот уште еднаш го потврди континуираниот ангажман на Природно-математичкиот факултет и партнерските здруженија во поддржувањето и охрабрувањето на младите научни таленти во Македонија – велат тие.
Викендов, на 29 ноември ќе се одржи сличен настан, овојпат посветен на средношколците, со уште побогата програма и активности адаптирани на нивното ниво на образование и интереси.








