Основци учеа за Дичо Зографот во рамките на Европските денови на културно наследство

„Живо наследство“ е годинашната тема на Европските денови на културно наследство. Традиционално, Националната галерија е дел од манифестацијата. Таа се однесува на практиките, знаењата и вештините кои се пренесуваат од една генерација на друга, а се користат и денес.

– Различни вештини, занаети и професии ни овозможуваат да го одржуваме и зачуваме нашето наследство на многу начини. Оваа тема ни дава можност да погледнеме одблизу на работата што ја вршат чуварите на нашето наследство, токму благодарение на луѓето кои го пренесуваат своето знаење на идните генерации – велат од Галеријата.

Во рамките на манифестацијата во Чифте амам беше реализирана работилница за деца посветена на делото на Дичо Зографот. Под раководство на едукаторот Маја Димитрова, учениците од основното училиште „Невена Гергиева-Дуња“ се запознаа со животот и творештвото на најпознатиот македонски зограф од 19 век. Работилницата течеше преку разговор и креативна активност-боење цртежи инспирирани од мотивите на икони и фрески создадени од Дичо Зографот и неговата тајфа. Автор на боенката е Анета Гергиевска-Шајн, историчарка на уметност која што веќе неколку децении живее во САД.

Деновите на европското наследство се најпрославуваниот културен настан што го споделуваат луѓето од Европа. Советот на Европа ја покрена иницијативата во 1985 година, а во 1999 година се придружи и Европската Унија за да се создаде заедничка акција, која продолжува до денес.

Вратите се отворени за бројни споменици на културата и локалитети, овозможувајќи им на граѓаните на Европа да уживаат во бесплатни посети, да научат за нивното заедничко културно наследство, охрабрувајќи ги активно да се вклучат во заштитата и унапредувањето на наследството за сегашните и идните генерации.

Сподели