Основачката на „Манифеста“ ќе одржи предавање во МСУ

Хедвиг Фејен од Холандија, основач и директорка на Европското номадско биенале за современа уметност „Манифеста“ ќе одржи предавање вечерва во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Ова е ретка можност и за кураторскиот тим, но и за публиката, велат од МСУ.

Темата на нејзиното предавање е целосен преглед на концептот на „Манифеста“, ќе ги претстави претходните изданија на биеналето и ќе го објави концептот, програмата и развојот на претстојното 14. издание на биеналето со наслов „Манифеста 14 Западен Балкан“.

Организаторите, овој пат, го избраа градот Приштина, поради неговата географската и гео-политичката важност во рамките на Западен Балкан за да го развијат проектот „Манифеста 14 Приштина“.

Иако седиштето на ова издание ќе биде во Приштина, биеналето ќе се реализира и во други градови. МСУ – Скопје, годинава станува партнерска институција во организација на „Манифеста 14 Западен Балкан: Ко-производство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија.

Како дел од програмата на „Манифеста“, во текот на наредните две години, МСУ ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на „Новата реалност“, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, заклучувањата, затворените граници, одговорите на националистичката влада, непријателските еколошки политики, протести и сл.

На презентацијата ќе бидат присутни и Емилија Ван Линден и Нита Деда, координатори на Манифеста од Амстердам и Приштина.

Инаку, „Манифеста“ започнува во раните 90-ти години и се разви како патувачка платформа која се разликува од главните центри на уметничкото производство, отворајќи свеж терен и нова културна топографија. Номадскиот карактер на „Манифеста“ е концепиран за да се истражи географската и психолошка територија на Европа.

Секое биенале на Манифеста ги истражува и одразува настаните во современата уметност и култура, ангажирајќи локална, национална и меѓународна публика со нови аспекти и форми на уметничко изразување за позитивните општествени промени во Европа.

Тромесечната завршна прорама ќе биде реализирана од 22 јули до 30 октомври 2022 година.

Хедвиг Фејен (фото: Ливио Баумгартнер

Целта е да презентира уметници, кустоси и млади професионалци од преку 40 различни земји, создавајќи врски со соседите на Европа во Азија, источниот Медитеран и северна Африка и се фокусира на вклучување на перспективите на малцинските групи и култури во самата Европа.

Претходните изданија се одржани во Ротердам (1996), Луксембург (1998), Љубљана (2000), Франкфурт (2002), Сан Себастијан (2004), Никозија (2006-откажано), Трентино-Јужен Тирол (2008), Мурча во дијалог со северна Африка (2010), Лимбург (2012), Санкт Петербург (2014), Цирих (2016) и Палермо (2018) и Марсеј (2020). За 2022 година Приштина е домаќин на биеналето.

Презентацијата во МСУ ќе биде реализирана со ограничен број од 30 седишта за публика и според актуелните владини протоколи во услови на пандемија со потврда за вакцинација или потврда за имунитет на Ковид-19 во последните 40 денови.

Сподели