„Операта на шумските животни“ в сабота во НОБ

Во Националната опера и балет в сабота (27 јануари) во 12 часот ќе биде изведена детската интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ наменета за деца од 6 до 11 години. Станува збор за авторски проект на Десанка Глигоријевиќ.

– „Операта на шумските животни“ е интерактивна музичко – драмска претстава чија цел е да ја запознае и едуцира најмладата публика со оперската уметност. Сценариото изобилува со многу комични моменти, кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава. Музичкиот дел е исполнет со адаптирани популарни арии од оперите: Кармен, Палјачи, Аида, Травијата, Рита и други, како и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото – велат од НОБ.

Улогите ги толкуваат: Билјана Камчева, Марика Поповиќ, Јане Дунимаглоски и Невен Силјановски. Претставата е од хуманитарен карактер. Собраните средства од продадените билети ќе бидат наменети за лекување на младиот Леонид Индов, кој во несреќен случај во Грција се здоби со тешки повреди, по што беше опериран и му претстои долготрајно и скапо лекување.

Сподели