Операција на отворено срце со помош на 3D-печатен модел во Скопје

Операција на отворено срце изведена со помош на 3D-печатен модел, минатата недела е извршена на Универзитетската клиника „Државна кардиохирургија“ во Скопје. Ова претставува значаен чекор напред во хируршката иновација во Македонија. Под водство на д-р Васил Папестиев, медицинскиот тим ја извршил процедурата користејќи детален 3D-печатен модел на срцето на пациентот, кој одиграл клучна улога во успешноста на операцијата.

– Оваа технологија беше важна за нас. Деталниот модел ни овозможи да ги визуелизираме комплексностите на срцевиот дефект на пациентот однапред, што го олесни целиот процес и ја зголеми прецизноста на операцијата. Ова директно придонесе за полесна и побезбедна операција за нашиот пациент – вели д-р Папестиев.

Моделот е изработен од компанијата 3DLoom и обезбедил прецизна и анатомски точна реплика на срцето на пациентот, овозможувајќи му на хируршкиот тим точно да ја идентификува локацијата на септалниот дефект пред операцијата. Направено е детаљно предоперативно планирање чиј резултат било намалување на времетраењето на операцијата и намалување на ризикот од можни интероперативни компликации.

– Возбудени сме што учествувавме во оваа операција. Нашата мисија е да им обезбедиме на хирурзите напредни алатки за подобрување на хируршките резултати, а ова постигнување го нагласува потенцијалот на 3D-печатените модели на органи во унапредувањето на предоперативната подготовка – вели д-р Стефан Арсенков, ко-основач на 3DLoom.

Со користење на 3D моделот во планирањето на операцијата, медицинскиот тим во клиниката успеал да го оптимизира пристапот и да го скрати времетраењето на процедурата, што е од клучно значење кај ризичните кардиохируршки операции. Успешноста на оваа операција го истакнува значењето на интеграцијата на напредната медицинска технологија во клиничката пракса за подобрување на исходот за пациентите.

Сподели