СВП: Тој што не влегол досега во поезијата на Конески има трајна загуба, вели Атанас Вангелов

Монографското издание на великанот на македонската книженост Блаже Конески беше промовирано синоќа на „Струшките вечери на поезијата“, во рамките на одбележувањето 100 години од раѓањето на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист. Предговорот на Монографијата го напиша поетот, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар Атанас Вангелов, кој посочи дека оној што не влегол досега во поезијата на Конески има трајна загуба.

– Изучувањето на поезијата на Блаже Конески, стекнувањето претстава за нејзините технички достигања, е од пресудна важност за натамошниот подем на нашата поезија. Можно е на последново становиште да му се упати ваков приговор: таквиот потфат неминовно води кон поетичка канонизација што се искажува секогаш негативно кон живиот процес на литературниот развиток. За тој приговор го имаме следниов одговор: изучуваме едно исклучително дело не за да можеме да го репродуцираме, туку да научиме како да се искажеме себеси. Го изучуваме него не за да ја моделираме според него иднината (литературна), туку за да можеме да се движиме направо кон неа, збогатени со мудро и скапоцено искуство. Зашто (да го парафразираме Јакобсон), лаже оној што кажува дека немал претходници – вели Вангелов.

Лидија Димковска

На програмата на фестивалот беше претставена и добитничката на наградата „Браќа Миладиновци” за 2021 година, Лидија Димковска, за која говореше македонскиот писател Сашо Огненовски, со посебен акцент на наградената книга „Гранична состојба“.
– Говорејќи за квалитетите на овој ингениозен поетски ракопис и за грандиозната книжевна фигура на Лидија Димковска, ќе истакнам дека оваа поетска збирка ќе остане во аналите на македонската книжевност и во духовната колективна меморија како што тоа била вечната поетска збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски или „Записи“ на Блаже Конески или, во светски рамки, како што се делата на Вислава Шимборска. Она што го посакуваме е „Гранична состојба“ да доживее многу препеви за да може да освои и други поетски ловорики, а Димковска својот литературен гениј да го продолжи со нови дела и нови успеси – рече Огненовски.

На овие настани им претходеше омажите посветени на Богомил Ѓузел и на Георги Старделов.

Елизабета Шелева
– Нека му е вечна слава и незаборав на Богомил Ѓузел и неговото богато книжевно наследство, кое нè прави горди што сме негови современици и сонародници! Во овој тегобен миг на загуба, мала е (за нас, лично), но не и безначајна, утехата дека неговото раскошно дело (и спомените за неговиот богат живот), допрва одат под закрила на незаборавот, во одбрано друштво, со бесмртните браќа и сестри по Словото – Шелева.
За капиталната книга „Македонско поетско соѕвездие“ на академикот Георги Старделов зброруваше Владимир Мартиновски.
Владимир Мартиновски
– Сочинета од пет претходно објавени книги, посветени на пет стожерни творечки личности за македонската литература и култура од првите две повоени генерации, „Македонско поетско соѕвездие“ е еден вид петокнижие на македонската поезија на втората половина од 20 век – рече Мартиновски.
Третата фестивалска вечер ќе заврши со „Ноќи без интерпункција“, каде што со свои лирски остварувања ќе се претстават повеќе македонски и странски поети.

Сподели