Онлајн-наставата во случај на дојава едвај почна, министерот Шаќири убедува дека проблемите се надминати

Стресени и нервозни родители, збунети деца и наставници – заканувачките дојави за бомбите по училиштата, кои стануваат се помасовни предизвикуваат вистински хаос кај населението. Вчера во дури 120 училишта имаше дојави на бомби, според МВР. По препорака на Министерството за образование и наука од минатата недела, во случај на дојава на бомба, училиштата во рок од еден час да се вклучат на онлајн-настава. Профилите на „Тимс мајкрософт“ за многумина ученици не беа достапни, а се појавуваше коментарот дека не е платена лиценца за користење на истите.

Министерот денес тврди дека „училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите“ – изјави Шаќири. Тој додаде дека како министерство ги следат препораките за безбедност, а дека во основа се против онлајн-наставата како решение.

Вчера бил најголем број на училишта што добиле заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добиле дојава и не биле подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн-настава, одговори министерот Јетон Шаќири во врска со поплаки од ученици дека не можеле да се вклучат на платформата.

– Вчера беше првиот ден по првите препораките што ги добија училиштата само во Скопје. Повеќе од 90 отсто од проблемите се само во Скопје. По тие препораки вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите во изведување на онлајн-наставата и проблемите што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите – изјави Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн-настава но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.

Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа – во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.

Сподели