Омаж на уметникот што го постави човекот во центарот на својот сликарски свет

Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, вели Алексиев

Ова е прва изложба на дела на Владимир Георгиевски по долго време. Прва е и по неговото заминување од овој свет во 2017 година, свет кој го љубеше страсно, кој со воодушевување го истражуваше, кој се обиде да го разбере и кој го опседнуваше како нерешена загатка и тајна до крајот на животот. Оттаму оваа изложба е омаж на Владимир Георгиевски и во нејзиниот фокус се поставени некои од најзначајните дела на уметникот, вели историчарот на уметност и куратор Емил Алексиев за комплексната поставка која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје.

Емил Алексиев

Ќе бидат изложени делата на Георгиевски, работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел во целиот галериски простор на Музејот. Воедно ќе биде промовирана и монографија за неговото творештво во издание на Музеј на град Скопје чии автори се алексиеви и ликовниот уметник Никола Пијанманов, ученик на Георгиевски.

Алексиев вели дека поради ограничувањата на изложбениот простор во Музејот на град Скопје изложбата е поделена на два дела.
– На дел каде се изложени некои од неговите вредни дела кои упатуваат на големите циклуси и теми кои опсесивно ги обработуваше Георгиевски (како теми преземени од религиското сликарство или литературата како Страдањата на Исус или Скитањата на Дон Кихот) и на дел кој е интимен, кој потсетува на неговото лично атеље и каде се изложени дела во помал формат – објаснува тој.

Патување до затрупаните извори на уметноста

Според Алексиев, Владимир Георгиевски (1942–2017) зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.

„Ругање на Христос“, малсо на платно, 1987 година

– Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма. Во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до филозофијата разбрана изворно како љубов кон мудроста. А каква е таа мудрост што не е втемелена во вистината? Во својот сликарски манифест (2011) тој ќе напише: „Овој свет со својата вистинитост не е Космосот на бојата и астрономијата на цртежот! Не, тие космички пространства на моите сликарски сновиденија се над светските нужности, над вистинитоста што може да ја видиме и да ја опипаме! Мојот вистински пат е пат на духовно слободно чувствување на светот и Човекот во него!“ – објаснува Алексиев.

Според него, Владимир Георгиевски, уште на самиот почеток, го става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот. Во сликарството тој почнува од неговите онтолошки основи. Тој е во вечна потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и робувањето на телото и на телесноста. Наспроти модните стилови, трендови, наспроти лажниот мистицизам, комерцијализацијата, идолатрија и фетишизам на уметничкото дело; наспроти уметноста разбрана како забава за народот, уметноста како дневна политика, уметноста во функција на идеологијата, како оправдување на постојниот општествен дискурс, како пропаганда, како панаѓурска измама или како илузионистичка претстава – тој се враќа кон уметноста која е во функција на откривањето на вистината.

„Дон Кихот и Санчо Панса“, масло на картон

– Во ова време на лага и измама тој јуначки ја биеше битката за вистината со привиденијата и призраците на бојното поле на своите слики. Оние кои го помнат ќе го запомнат како седнат на своето триножно столче во ателјето, во својот син работен мантил, со раце извалкани од боја, со звуците на Моцартовиот „Реквием“, кои допираа од старото радио, секој ден и во секој миг црташе и сликаше со чувство како да е последен и неповторлив – вели Алексиев.

За учителот и ученикот

Пијанманов го запознал Георгиевскиво 1998 година, како средошколец во втора година во Средното уметничко училиште во Скопје. Вели дека и покрај сите официјални наставници, а подоцна и професори на Факултетот за ликовни уметности, тој му останал единствниот учител не само во текот на образованието туку и подоцна, до самата негова смрт.

Никола Пијанманов

– Имам предвид дека учењето не престанува да трае кога се работи за жива материја како ликовната и било која друга уметност. Уметноста не се учи од… до… Тоа не се добива во училиште. Тоа е склоп на енергии кои ако се правилно насочени и концентрирани со огромен труд во една точка, се претвораат во дела. Тоа е уметникот. Нема формула за добар и успешен уметник. Професорот Владимир се сомневаше, тој секогаш имаше сомнеж во она кое го работи, никогаш не беше до крај задоволен со своите слики, скулптури, цртежи… Се советуваше со своите ученици без никаква суета и вообразеност. Тој беше учител кој самиот учи, постојано љубопитен и буден како дете. Така и се однесуваше кога беше во ателјето. Боите за него беа неопислива радост која може да ја доживее само дете – се сеќава Пијанманов.

Трагите кои учителот ги оставил врз уметноста на уленикот подицна почнале да се појавуваат како отисоци кои на почетокот не се видливи, туку стојат негде длабоко запишани под палимпсестот на делото како код.

„Човекот со златното теле“, масло на платно, 1987 година

– Кога работев во неговото ателје, се борев со влијанието и работев најспротивно, дури и фигурацијата не беше моја опсесија долго време. Никогаш не се обиде да влијае врз нас така што нашите дела би наликувале на неговиот сликарски знак, стилски и естетски особености. Нешто што е многу често кај големите автори кои предаваат на факултетите за уметност. Ја ценеше и потврдуваше индивидуалноста како најголем дар на секој уметник. Личноста! Но, јас подоцна, многу подоцна разбрав некои работи кои тој сакаше да ги научам. Тие потсвесно влегле и сега од секаде излегуваат, се појавуваат, се разбира поминати низ моето лично ликовно искуство и техника. Јас сè уште водам дијалог со него. На крајот на секоја слика или скулптура се прашувам што ли ќе каже професорот за ова? Тежи неговиот дух над мене како ликовна совест – вели Пијанманов.

Во сите „Паднати ангели“ како да се сликаше себеси

Покрај тајните на ликовната уметност, на естетиката, тој од Владимир Георгиевски се заразил и засекогаш се вљубил во философијата, книжевноста, музиката, филмот, архитектурата. Љубов кон Бах, Реквиемите, Руската боготражителска философија, Достоевски и Унамуно, Куросава и Михалков, Средновековната црковна архитектура, Чинго и Иво Андриќ, Гибран и Бодлер…
– Владимир Георгиевски беше како оние учители од средновековието или од античкиот свет, кои ве учат за сé! Од сувиот лист поставен на маса како модел за мртва природа до небото и жарот на ѕвездите – вели Пијанманов.

На прашањето колку длабокото филзофско доживување е пресудно за еден уметник да создаде големи дела, Пијанманов вели дека тоа е клучот. Затоа што уметноста била и ќе биде нешто многу повеќе од естетско доживување или насладување. Таа е еден вид пат кон спасение. Или поточно себеискупување. Вера. Уметничкиот чин е трагична работа затоа што води кон пробив над досадата на овој свет кој е бескрајно хаотичен и тежок. Тој пробив е болен. Но, по него има катарза и екстаза од убавина. Секој твоец барем на кратко ги почувствувал тие мигови на таа екстаза. Затоа и во судбините на големите творци провејува трагичното.

„Дон Кихот ја убива ламјата“, масло на платно

– Во сите „Паднати ангели“ професорот мислам дека се сликаше себеси. Во сликарството има нешто силно автопортретско и секоја слика е тој одраз на Јас. Но, јас не како самопотврда, туку како себеистражување, па и покајание. Трага во песокта на пустината. Жално е што помладите генерации и оние кои доаѓаат, зборувам за тие кои сакаат да се занимаваат со уметност, не читаат, не слушаат и не бараат авантури во тоа што го гледаат. Видете едно дете на четири или пет годишна возраст. Ја третира куклата како живо суштество. Ја милува, облекува ја чува и дури и животот би го дало за неа. А ние возрасните? Од живото нешто кое стои до нас, правиме мртво, до толку сме оладени и летаргични. Затоа уметникот е Дон Кихот кој од многу читање и гледање слики во книгите, од бдеење над делата на големите мајстори, решил самиот да ги створи тие слики и самиот да ги доживее тие случки за кои прочитал во книгите. Уметникот не смее да биде млак. Или да му биде сеедно. Тој мора да ги пробие границите на можното и секојдневното. Од таму се родила секоја голема уметност! Од преобразбата на ништото во нешто, од мртвилото во живот – вели Пијанманов.

Насловна фотографија: „Влегување во Ерусалим“

Сподели