Панго, балерина, кореограф, балетски едукатор ја испрати македонската порака за 29 Април, Меѓународниот ден на танцот

Да се пишува, да се зборува и да се живее танцот е привилегија која ја имаат само оние кои истрајуваат на патот на оваа чудесна уметност која значи живот, вели Олга Панго, балерина, кореограф, балетски едукатор во Македонската опера и балет по повод 29 Април, Меѓународниот ден на танцот. Таа е авторка на македонската порака во која вели:

„Танцот е начин на изразување, комуникација, љубов и несебично вложување во телото како инструмент, кој создава совршена музика, која може да се визуелизира. Танцот е мост кој го користиме да поминеме од една на друга страна: од потемна кон посветла, од не знаење кон знаење. Убавина која ја живееме во сите негови форми.

Олга Пангo

Од почетоците на светот, кога луѓето го користеле телото како изразно средство, па сè до најсовремените форми кои ги имаме како танцов вокабулар, можеме да ги напишеме нештата кои не се пишуваат со букви и не се говорат со зборови. Танцот е слобода со која се надминуваат најсложените и најтешките ситуации во животот.

Танцот е толку возбудлив и забавен што ние кои се занимаваме со него сме среќни луѓе. Во времиња како овие, времиња на големи искушенија и транзиции, во ерата на пандемијата, единствениот спас е да се прочистуваме со нешта кои се возвишени: како танцот и уметноста воопшто.

Танцот опстојувал, опстојува и ќе опстои независно од тоа колку општеството ќе ги поддржи оние кои го негуваат, се борат и живеат од него, со него и во него. Секојдневното присуство на танцот нè прави само посреќни и побезгрижни.

Танцувајте колку можете повеќе. Користете го телото за убавина и естетика, така го зголемувате количеството на дух кој ни е потребен, за да опстоиме како единки и група во овие чудни времиња за битисување. Танцувајте секој ден, учете ги вашите деца да танцуваат и да бидат среќни. Помогнете им на постарите и немоќните да го придвижат своето тело за да се чувствуваат подобро.

Танцувајте, танцувајте и само танцувајте! Така светот ќе го направиме подобро место за живеење.“

 

Сцена од „Госпоѓиците од Авињон“ во кореографија и режија на Олга Панго

Светската порака за Меѓународниот ден на танцот ја напиша танчерката Канг Су-Јин, од Јужна Кореа, уметничка директорка на Националниот Балет.

„Катастрофата наречена ковид-19 го запре животот во кој бевме слободни, гледано од оваа перспектива (бевме послободни), меѓу другото оваа трагедија нè наведе да ги промислуваме значењата на танцот и танчерите. Во далечното минато, танцот бил примарна комуникациска експресија, зборови изразени преку гестови; танцот претворајќи се во уметност на перформансот ги придвижува душите и ја инспирира публиката. Танцот е уметност на моментот и тешко е да се реставрира во нејзината оригинална форма и облик, тогаш кога станува завршен, бидејќи е создаден со целото тело и душа. Танцот се создава во ефемерни моменти, ги одредува танчерите да бидат засекогаш во движење. Додека ковид-19 ѝ наметна рестрикции па дури ја блокира уметноста на танцот во нејзината изворна изразна форма…

Иако состојбата денес постепено се подобрува, танцовите изведби сè уште се предмет на многу рекстрикции и ограничувања. Ова ни предизвикува да ги цениме сите драгоцени моменти и сеќавања од времето кога танцот и танчерите блескаа како скапоцени камења на сцена, победувајќи ја човечката агонија и анксиозност, волја и надеж за живот и просветлен свет.

Канг Су-Јин

Исто така битно е да не се заборави пост-шокот од Црната смрт во средновековна Европа; во балетот Жизел се одразува љубовта над смртта и беше за првпат изведена во париската Опера на 28 јуни 1841 г. и се стекна со експлозивни реакции и фасцинација. Оттогаш, Жизел се изведува низ цела Европа, во целиот свет, за да ги утеши и охрабри душите на човештвото избезумени од пандемијата. Јас така ги разбирам нештата во Жизел, токму тоа ова дело ни го демонстрира, односно извонредниот дух на балерината која се обидува да ја избегне гравитацијата на страдањата во светот.

„Идентитети“ во кореографија на Рисима Рисимкин (фото: Драган Перковски)

Осамената и истоштена публика е жедна да ги теши и поддржува танчерите. Како танчери ние веруваме дека ширењето на нашите танцови крилја им дава надеж во срцата на оние кои ја љубат уметноста на танцот и им дава храброст да ја надминат пандемијата.

Моето срце почнува повторно да отчукува танцувајќи.“

Насловна фотографија: Драган Перковски/Танц фест

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.