Светскиот виолинист Џулијан Рахлин ќе го отвори најголемиот фестивал во земјава, „Охридско лето“ вечерва во 21 часот на Античкиот театар. Тој ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. За маестро Рахлин критиката вели дека е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти, уметник кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација. Филхармонијата годинава одбележува 80-годишен јубилеј.
Од 12 јули до 20 август на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворјето на црквата „Св Софија“, како и самата црква „Св Софија“ и Центарот за култура ќе продефилираат и настапат над 500 уметници од 24 земји, а вљубениците во класичната уметност ќе имаат прилика да уживаат во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма.
Ќе настапат: пијано дуото Марија Ѓошевска и Славица Мицовска, Влатко Стефановски на гитара кој одбележува 50 години солистичка кариера, потоа традиционалниот концерт на Камерниот оркестар на музичката младина. Има и два концерт постветени на макеоднските композитори, Томислав Зографски и Стојче Тошевски, како и на Гоце Коларовски, рече Чадловска на прес-конференцијата на која беше презентирана фестивалската програма.
Од странските уметници во музичката програма ќе ги видиме и чуеме гитристот Герхард Рајнбах, пијанистот Гери Даглас, виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки со пијанистот Андреј Гугнин, Доминик Вагнер на контрабас… Тука е и концертот на Црногорскиот симфониски оркестар, Адријатик пијано квинтетот, триото „Халир“ и многу други. Последниот ден од музичката програма е резервиран за врвната белгиска виолончелистка Ками Тома, во пијано придружба на пијанистот Жулиен Брокал.
На роденденскиот концерт на фестивалот ќе настапи салса бендот „Меркадонегро“, како концерт што ќе ги разбие класичните концертни содржини.
Три премиери се најавени во драмската програма – на домашните театари од Велес и Битола со претставите „Рацин“ и „Галеб“, како и светската премиера на „Кралот Лир“ на Лит Мун Ворлд театарот од Санта Барбара, Калифорнија.
Сања Арсовска, селектор на драмската програма ги најави театарските изведби на Словенечкото гледалишче од Марибор со „Безгрешна“ во режија на познатиот Томаж Пандур и неговата сестра која ја завршува претставата по неговата смрт, потоа стенд-ап шоуто со познатиот српски и интернационален актер Никола Ѓуричко, „Лет над кукавичиното гнездо“ со Драмскиот театар од Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенското драмско позориште исто така од Белград.