Скромни, шегобијни и со светски квалитет беа четворицата тенори од Италија синоќа на отворањето на 62. Охридско лето во Античкиот театар. Неколку враќања на сцена, поклони, овации, поткрепени со одличната придружба на оркестарот на Националната опера и балет, го направија почетокот на најголемиот фестивал во земјава да биде за паметење. Публиката вели и полната месечина го направи впечатокот целосен.
Настапија Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, кој и самиот не одолеа да запее.
Охридско лето е врвен културен настан, достоен за светско внимание. Секое негово издание е нов хоризонт, нова далга, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Да убедувам некого дека говорам на македонски и дека сум Македонка е исто како да ве убедувам дека вечерва сте тука, на отворањето на уште едно Охридско лето. Нашиот поглед кон минатото не е за да ѝ го завртиме грбот на иднината. Не. Во нашето минато нема ништо од што би се срамеле за да мораме да го вртиме погледот од него. И нашиот јазик, и нашата музика, и нашите слики, и нашите книги, и нашите ора, и нашите куќи, и нашата кујна – сè е идентитет. И тоа што сме Македонци е идентитет, идентитет што го наследуваме, а од нас зависи дали ќе го надоградиме, ќе го носиме во срцето или само ќе го вртиме по потреба низ уста. Идентитет е и домашното воспитание. Идентитет е и љубовта кон сопствената култура и уметност – потенцираше министерката Костадиновска-Стојчевска.
36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во придружната програма, гостување на 1000 уметници од 25 земји ќе може да проследи публиката на 62. Охридско лето.
Фотографии: Министерство за култура