Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар! Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот! Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија! Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето” прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот – рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова синоќа на отворањето на Охридско лето.

Охрид се отвора како волшебна школка од која излегува највредниот бисер – уметноста, додаде претседателката.
Гершвин, но и „Пајдушко“ одлично звучеа, а за целосен ефект заслужни беа и визуелните ефекти и 3Д-мапингот на португалскиот уметник Рафаел Карико. Официјалните обраќања можеа да бидат пократки, а исто така и претераната употреба на Северна Македонија беше нападна за публиката.
Обраќајќи се пред преполното гледалиште на Античкиот театар, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека „Охридско лето“ не е само фестивалска програма, туку е хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што, како што додаде, секое лето блеска во својата најчиста форма.

– Оваа фестивалска година не ја одбележуваме само со бројки и големина, туку со созреаност на духот и визија за иднината. Не сме овде само за да се восхитуваме, тука сме за да ја потврдиме нашата верба дека културата е темел, а не додаток. Таа не е украс, туку јадро на нашето постоење. Уметноста е нашата најмоќна потврда дека сме народ што памети, што чувствува, што се стреми кон повисоки вредности, рече министерот Љутков.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски изради огромна благодарност за покровителството на најзначајната музичко-сценска манифестација која според него, во наредните денови ќе биде исполнета со настани што имаат врвна естетика и уметничка совршеност.

-Под мотото „Уметноста трансформира“, годинава создадовме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот.Посакувам незаборавни вечери на уметничка трансформација како и безброј емотивни сензации затоа што впрочем токму тоа е и мисијата на фестивалот „Охридско лето“, да сплотува, да инспирира, да трансформира, кажа првиот човек на фестивалот „Охридско лето“.
Уметничката порака годинава ја пренесе актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски кој низ годините како селектор ја градеше и успешната театарска приказна на фестивалот.
-Бертолд Брехт вели: „Уметноста не е огледало што ја рефлектира реалноста, туку чекан што ја обликува.“ Во тој контекст, секој концерт, секоја претстава, секој збор на сцената — не е одраз на светот таков каков што е, туку обид да стане подобар. Живееме во време на војни, каде што човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, уметноста не е луксуз — таа е нужност. Нужност и апел да се потсетиме што значи да се биде човек, истакна Јолевски.

Гала-концертот на свеченото отворање го проследи дел од македонскиот државен врв, предводен од премиерот Христијан Мицкоски, министри, амбасадори и дипломатски претставници во земјава, градоначалникот на Општина Охрид, како и претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателот на државата, финансиски поддржан од Владата, Министерството за култура и туризам и Општина Охрид, а огромна заслуга за успесите имаат и верните пријатели, генералниот спонзор А1 Македонија, бројни спонзори и помагатели, љубители на уметноста и поддржувачи на културните вредности.





