Одлична мартовска програма во Кинотека

Со проекција на „сликаниот“ игран филм „Селани“, копродукција помеѓу Полска, Србија и Литванија во режија на Дорота Кобиел и Хју Велчман вечерва во 18 часот почнува мартовската програма во Кинотеката на Македонија. Терминот во 20 часот е резревиран за култниот „Евтини приказни“ на Квентин Тарантино.

– Оваа филмска класика изврши немерливо влијание врз понатамошниот тек на филмската уметност, и го воскресна тогаш заборавениот Џон Траволта. Лук Бесон, пак, со своето авторско дело „Леон професионалецот“ ги промовираше актерските таленти на Натали Портман и Гери Олдман – велат од Кинотека.

Големиот јубилеј, 60-годишнина од смртта на пионерот на подвижните слики на Балканот, Милтон Манаки, ќе биде во фокусот во почетниот дел на мартовското издание на филмскиот караван на Кинотека. Ќе биде презентирано ДВД изданието со реставрираните снимки на браќата Манаки од почетокот на 20 век. Во него се содржани првите снимки на Манаки – од баба им, 114-годишната Деспина, која преде во родното село Авдела и снимки на кои нивната камера регистрирала важни историски настани.

– Делото на браќата Манаки е обработено документаристички во проектот „Приказна во слики“, како заедничка творба на режисерот Роберт Јанкуловски и сценаристката Илинденка Петрушева. Пред проекцијата режисерот Јанкуловски ќе има презентацијата за делото на Милтон Манаки – велат од Кинотека.

Следуваат филмови во циклусот „Лауреатите на Манаки“. Ќе се започне со популарниот филм „Неверојатната судбина на Амели Пулен“. Ова е можеби најпознатиот филм на големиот француски режисер Жан Пјер Жене. Веднаш по премиерата филмот ги освои симпатиите на публиката, како и на критиката, а две децении подоцна има стекнато култен статус. Ниту еден француски филмски протагонист на овој век не е толку сакан како Амели, за неа е создаден мјузикл и е именуван нов вид жаба. Омилениот филмски класик на Тарантино, „Добриот лошиот и грдиот“ и познатата биографска драма „Ерин Брокович“ со Џулија Робертс во насловната улога наградена со „Оскар“, го заокружуваат овој циклус. Филмовите ќе бидат проектирани на оригинална 35 мм лента.

И овој месец нема да изостанат творештвата, овој пат краткометражни, на неколку македонски режисери. Тоа се постарите филмови „Ембрио Но М“, „Зимски импресии“, „Споменик“, како и новите „Кутии“ и „Дали си маж?“.

– Сметавме дека е потребно да бидат видени и двата филма „Без сонце“ и „Ниво 5“ на култниот експериментален француски автор Крис Маркер. Ова е одличен вовед во централната содржина за месецов. Во цилкусот наречен „Денови на франкофонијата“ ќе бидат прикажани остварувања од една од најквалитетните и највлијателни европски кинематографии – велат од Кинотека.

Денови ќе има и за словачката кинематографија за која кај нас не се знае многу. Ретроспективата на словачкиот класичен филм е ретка можност за македонската филмска публика да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија, како словачката. Како што кажува и името на ретроспективата, тоа е селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка.

Целоснта програма на линкот.

Сподели