Ровови од Првата светсла војна и одбранбени градби од 4 век пронајдоа археолозите на археолошкиот локалитет Исар кај валандовското село Марвинци. Екипа од скопскиот Археолошки музеј годинава работеше под раководство на м-р Јане Клековски, кустос советник, а во истражувањата учествуваа и кустосите Филип Аџиевски и Мартин Гиевски.
Според Музејот, годинапните истражувања донеле нова вредност и нов историски период на локалитетот.

– Тоа е Првата светска војна. На просторот од римската некропола на доминантен врв, помеѓу римските гробови беше откриено и истражено долго рововско вкопување во должина на целиот рид. Од оваа позиција целосно била контролирана областа од Валандово до Богданци и планината Кожуф и најважно – патот кон југ и Солун. На овој начин локалитетот станал дел од Македонскиот (Солунски) фронт. Но, според археолошките наоди во рововите, се чини дека биле стационирани силите на Антантата, поточно српска војска со француска муниција од 1915 г., а не германската војска или Централните сили. Мноштвото наоди и гранати сведочат дека локалитетот преживеал жестоки борби – велат од Археолошкиот музеј.

Археолозите прнашле и одбранбени градби од 4 век на просторот на римската некропола. Ова сознание ги изненадило истражувачите затоа што во антиката светот на живите никако не се мешал со светот на мртвите.
– Какви било какви градби на тој простор биле забранети. Но, бурниот историски период во 4 век се чини ги принудило жителите на овој град на Исарот да го занемарат тоа правило. На просторот на Македонија во тој период има бројни надворешни упади и уништувања во кои најверојатно настрадал и градот на Исарот. Затоа градот морал да се реорганизира и обнови, а првично или само привремено додека не се изгради „кастелот“, се чини дека одбранбените линии на градот се протегале дури до просторот на кој се истражуваше оваа година. Но, конечниот одговор на оваа прашање ќе се бара во наредните кампањи на истражувања на локалитетот – велат археолозите.
Фото: Археолошки музеј на Македонија





