Со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ во Скопје вечерва во 20 часот Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе го почне одбележувањето на 76 години од своето основање. Централниот настан ќе се одржи утре во 10 часот на платото пред Ректоратот со положување цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј. Напладне во свечената аулата обраќања ќе имаат ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски. Потоа ќе бидат доделени наградите за најдобрите дипломирани студенти за учебната 2023/2024 година и наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“. Настанот ќе биде збогатен со уметничка програма на студентите од Факултетот за музичка уметност.

Одбележувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај со свечено доделување на титулата почесен професор (professor honoris causa) на професор д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија. И овој ден ќе биде придружен со пригодна уметничка програма.





