Со голема изложба на дела од дури 292 автори Друштвото на ликовните уметници на Македонија вечерва ќе го одбележи јубилејот – 75 години од основањето. Свеченото отворање е закажано за 20 часот во галеријата Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Вториот дел од поставката е поместена во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.

На отворањето пред присутните ќе се обратат Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија, Дијана Томиќ-Радевска, претседателка на Уметнички совет на ДЛУМ и министерката за култура, Ирена Стефоска. Изложбата ќе ја отвори претседателот Стево Пендаровски, покровител на јубилејот.

– На големата јубилејна изложба ќе бидат претставени слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори – почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, сè до новата генерација што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј – велат од уметничката асоцијација.

За јубилејот е подготвен и каталог со уводен текст од Дијана Томиќ-Радевска. Изложбата во двата објекта ќе биде отворена до 12 декември.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.